Андреева на конференција на Светската банка: Климатските ризици како приоритет во реформите во финансискиот сектор

конференција-Виена-1.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Претставници на Народната банка присуствуваа на меѓународната конференција на Светската банка, на тема „Поставување вистински реформски приоритети во финансискиот сектор“ („Getting the financial sector reform priorities right“), која се одржа во Виена, Австрија. На Конференцијата беа опфатени различни актуелни теми кои се однесуваат на стабилноста на финансискиот, пред сѐ на банкарскиот систем, при што се разговараше за новините во банкарската регулатива, микропрудентните и макропрудентните политики за климатските ризици, вреднувањето на средствата, решавањето банки и за дигиталниот оперативен ризик.


Директорката на Дирекцијата за финансиска стабилност и макропрудентна политика, Наташа Андреева, зеде учество на панел-дискусијата на тема: „Политики за ублажување на ризиците од климатските промени“, на која ги презентираше досегашните и идните активности на Народната банка во доменот на управувањето со климатските ризици коишто може да влијаат врз банкарскиот систем, како и можностите и условите за примена на макропрудентните мерки. Народната банка, препознавајќи го значењето на климатските промени и нивното потенцијално влијание врз финансискиот систем и економијата во целост, во последните години презеде низа активности во оваа насока. Во 2021 година им се приклучи на Меѓународната мрежа за зелен финансиски систем, а потоа и на Виенската иницијата, а од 2022 година, поддршката на зелените финансии стана дел од стратегиските цели на централната банка. Минатата година го усвои првиот тригодишен план во кој се дефинирани активностите коишто се однесуваат на управувањето со климатските ризици во областа на финансиите. Планот веќе почна да се спроведува, така што неодамна беа донесени насоки за банките за начинот на кој тие треба да управуваа со ризиците поврзани со климатските промени, се направија првични анализи за оцена на изложеноста на банкарскиот систем на физичките и на транзициските ризици поврзани со климатските промени, а минатиот месец за првпат се објави Прегледот со „зелени“ показатели, со цел да се подобри расположливоста на податоците за климатските промени, која е суштинска при изработката на анализите и носењето на политиките.

Андреева истакна дека во наредниот период е предвидено да се продлабочат анализите и да се воспостави рамка за спроведување стрес-тестирања на климатските ризици, а предвидени се и активности за промена на супервизорскиот пристап, со постепено активно вклучување на климатските ризици при оцената на профилот на ризик на банките. Активната национална и меѓународна соработка, соодветното осмислување на аналитичките и истражувачките активности, но и градењето и зајакнувањето на институционалните капацитети, корпоративната култура и одржливоста на работењето на Народната банка, исто така, се дел од планираните активности во овој домен.

Директорката на Дирекцијата за финансиска стабилност и макропрудентна политика посочи дека Народната банка на редовна основа ги следи промените во билансите на банките коишто произлегуваат од нивните побарувања и обврски со „зелена“ компонента. Во однос на 2019 година, откога се расположливи овие податоци, „зелените кредити“ бележат значителен раст и се зголемени за околу трипати (само во 2023 година нивниот раст изнесува 30%), но сепак нивното учество во вкупните кредити на банките е сѐ уште е ниско (на крајот на 2023 година изнесува 4,5%).

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK