Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народната банка на Република Северна Македонија.
На средбата, прва по нејзиното стапување на функцијата, Сиљановска Давкова беше информирана за тековната работа на Народната банка и остварувањето на предвидените цели, насочени кон постигнување и одржување на ценовната стабилност и кон одржување на стабилен, конкурентен и пазарно ориентиран финансиски систем.
На средбата гувернерката Ангеловска-Бежоска ги претстави и стратегиските цели насочени кон унапредување на спроведување на монетарната политика, стабилноста на банкарскиот систем, непреченото функционирање на платните системи, управувањето со девизните резерви, а во функција на обезбедување на услови за ефикасни, иновативни и сигурни финансиски услуги.
Претседателката ги поздрави напорите на Народната банка за зачување на макроекономската стабилност на државата, во услови на геополитички и геоекономски ризици.
Гувернерката упати честитки до претседателката Сиљановска Давкова по повод стапувањето на функцијата и ѝ посака успех во работата.