Патувачката изложба „Сликарството на Ликовната академија во Штип“ се враќа во Штип

thumbnail_pokana_st-мк-1.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

По успешните претставувања на изложбата од Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ пред прибирливата публика во Софија, и пред публиката од различни возрасти во Виница, „Сликарството на Ликовната академија во Штип“ се враќа во своето почетно место – Штип.


Со отворањето во „Галерија 22“ на Н.У. Центар за култура „Ацо Шопов“ во Штип на 28 мај 2024, со почеток од 12:00 часот, делата од дипломираните и актуелни студенти ќе ја заокружат целта на проектот – афирмација на штипската Ликовна академија во земјата и регионот.

Со проектот се случи првото претставување на квалитетите на високообразовната установа надвор од државата и градот Штип. Проектот создаде пријателства и поврза институции од областа на културата и образованието. Се разменија искуства и се говореше за квалитетот на образованието и ликовната уметност.

Изложбата во Штип ќе биде отворена од страна на деканот на Ликовната академија, проф. д-р Петар Намичев, во присуство на професорите – ликовни уметници, како и во присуство на авторите на изложените дела.

Учесници на изложбата се: Вангел Крстиновски, Бојана Тошевска, Мики Иванов, Миа Ефремова, Крсте Тарабунов, Ивана Ивановска, Дејан Витанов и Александра Јеротијевиќ-Андреева.

Жанровски нај застапена е мртвата природа, а исто така може да се видат и лицата на некои од авторите преку жанрот автопортрет, како и дела кои биле дел од специфични задачи од опфатените предмети во Ликовната академија.

Д-р Иво Пецов, како куратор на изложбата, се погрижи да бидат избрани карактеристичните дела од ареалот на штипската Ликовна академија, во согласност со целите на нејзината програма – да образува кадри од областа на класичното сликарство. Изложбата прави своевиден пресек на досегашната работа на Академијата, а изложените дела се од периодот 2019 – 2023 година.

Во образовната програма „Класично сликарство“ студентите од оваа изложба работеле под менторство на различни наставници, и тоа: Викторија Егорова и Игор Егоров од Русија, Лариса Бондаренко и Владимир Недајборшч од Украина, како и македонските професори: Јордан Ефремов, Слободан Милошески, Ванѓа Димитријева-Кузманоска и Јана Јакимовска.

Посетителите на галеријата во Н.У. Центар за култура „Ацо Шопов“ во Штип ќе имаат можност да ја разгледаат до 10 јуни 2024 година.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK