Сиљановска Давкова телефонски разговарала со Зеленски: украинскиот народ може и во иднина да смета на македонското сојузништво и пријателство

Foto-2.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Претседателката Гордана Сиљановска Давковa денеска оствари телефонски разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.


„Во разговорот со украинскиот претседател Зеленски, Сиљановска Давкова ја нагласи нашата цврста и недвосмислена поддршка кон Украина во однос на неиспровоцираната и неоправдана руска воена агресија. Осврнувајќи се на меѓународното право, принципите на Повелбата на ОН и Статутот на Советот на Европа, претседателката рече дека украинскиот народ може и во иднина да смета на македонското сојузништво и пријателство во справувањето со историскиот предизвик со трајни и несогледливи последици.

Двајцата соговорници разменија мислење и за претстојниот Самит чиј домаќин ќе биде Швајцарија, а со цел да создаде рамка поволна за сеопфатен и траен мир во Украина“, соопштија од нејзиниот кабинет.

Претседателот Зеленски во текот на разговорот ја поканил претседателката да ја посети Украина, за што тие, како што е појаснето, дополнително ќе се консултираат на Самитот во Швајцарија.

За време на разговорот биле нагласени одличните билатерални односи меѓу двете земји, карактеризирани со идентични вредности, меѓусебна почит и разбирање, силно потврдени со континуираната соработка во сите области од заеднички интерес.

Сиљановска Давкова и Зеленски ја реафирмирале посветеноста од натамошна заемна поддршка во меѓународната дипломатија, во насока на исполнување на европската аспирација на двете држави.

Телефонскиот разговор со Зеленски, Сиљановска Давковa го оствари од Рим, за време на нејзината посета на Италијанската Република и Светиот Престол по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK