„Цивил“: Вкупно 18 случаи на семејно гласање во Дебреште

izbori-pretsedatel-2024-1.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Седумте избирачки места во земјава каде денеска се прегласува за парламентарните избори 2024 се отворени навреме, а гласањето се одвива речиси без проблеми, забележале мобилни набљудувачи на Цивил.


Прегласувањето, се одвива во Петата изборна единица на избирачките места 1194 и 1202 во Крушево, 1272 во Охрид, 1470 и 1470/1 во Долнени и 1844 во Струга, додека во Шестата изборна единица на избирачкото место 2101 во Желино.

Излезноста на седумте избирачки места каде денеска се прегласува за парламентарните избори до 15 часот е 34,87 проценти, соопшти Цивил.

„Од вкупно запишаните 4.514 гласачи, гласале 1.574 гласачи. Во споредба со гласањето на 8 мај, на ова прегласување се забележува зголемена излезеност за 1,21 проценти на овие избирачки места.

Најголема излезност има на избирачкото место во Желино каде гласале 428 гласачи односно 43,10 проценти, а најмала е излезноста во Крушево на избирачкото место 1202 каде до 15 часот гласале 67 гласачи односно 22,48 проценти.

Во ИМ 1470 во О. У. с. Дебреште, Општина Долнени при примопредавањето на смена на Избирачкиот одбор се појавиле повеќе лица потпишани во избирачкиот список, а имало помалку гласачки ливчиња во кочанот, состојбата била 121 со 118 (разлика од 3 потпишани повеќе од издадени гласачки ливчиња).

Во ова ИМ гласале 5 неписмени лица, кои наместо потпис ставиле отисок од прст. Од ИО подоцна коментирале дека не биле 3 лица повеќе потпишани, туку отисокот од прст на неписмено лице се прекопирал подоле, па тие го броеле како потпис. Гласањето се одвивало нормално.

Подоцна се појавил член од ИО (на една политичка партија) од ИМ 1470/1 за да праша што се случило, но му било одговорено да си се врати назад на неговото Избирачко место“, стои во информацијата од Цивил.

Во истото ИМ 1470, набљудувач на Цивил регистрирал 18 случаи на семејно гласање.

„Влегуваат по двајца позади параван (постар со помлад), младиот го заокружува едното ливче, го пушта во кутијата и се враќа повторно позади параванот, го заокружува ливчето од постарата личност и повторно истото лице го пушта ливчето. Од ИО нема никаква реакција“, велат од Цивил

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK