Германските компании ги испорачаа своите желби до новата Влада: „Бизнис климата е добра, но недостигот на стручни кадри е најголем ризик за инвестирање

biznis-zdelka.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Бизнис климата во земјава е добра или многу добра, но има тренд на благо намалување на планираните инвестиции, а една од причините за тоа е недостигот на стручни кадри, ова е оценката на германските компании кои имаат свои инвестиции во земјава.


Анкетата спроведена меѓу германските инвеститори и компании членки на Македонско- германското стопанското здружение, покажува дека 37 проценти од нив, изјавиле дека имаат намера да ги намалат планираните тековни инвестиции, 33 проценти да ги остават на исто ниво, а 30 проценти да ги зголемат инвестициите.

Споредено со минатите години, забележително е, како што беше посочено од страна на директорката на АХК за Северна Македонија, Антје Ванделт, дека има мало намалување во однос на инвестиците.

„Еден од одлучувачките фактори е се поголемиот недостиг на стручни кадри“, потенцира таа.

Дури 70 проценти од германските компании во земјава сметаат дека недостигот на стручни кадри е еден од најголемите ризици, а недостигот на стручни кадри се одразува врз тековното производство и на намалување на планираните тековни инвестиции.

Педесет и седим проценти сметаат дека и трошоците на работењето се еден од факторите за ризик, а 47 проценти според Ванделт, сметаат дека влијае и економско-политичката ситуација.

69 проценти од компаниите изјавиле дека повторно би инвестирале во земјава, со што, како што беше посочено, Северна Македонија останува атрактивна локација за инвестирање на германските компании.

Германските инвеститори во земјава бараат продолжување на дијалогот со надлежните институции во земјава, консултации пред да се донесат законски измени кои би влијаеле врз нивното работење, зголемување на ефикасноста на администрацијата и завршување на инфраструктурните проекти.

„Иако е рано за Нова Година, ние би сакале да ги доставиме нашите новогодишни желби до новата Влада, а тоа се продолжување на отворениот дијалог, консултации со економските тела како коморите и економските здруженија пред да се носат законски измени кои би се одразиле врз работењето на компаниите, зголемување на ефикасноста во делот на административните процеси, како што се издавањето на дозволи за престој, дозволи за работа и поголема трнаспарентност во нивние процеси, како и продолжување и завршување на веќе започнатите инфраструктурни проекти“, рече Ванделт.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK