Адвокатот Јанаки Митровски преку својот Фејсбук профил сподели информација за тоа дека во самиот Граѓански суд, односно на судење, починал негов колега адвокат.
„Бев сведок на исклучително непријатна ситуација. Чекајки судење на прв спрат во скопскиот граѓански суд во девет наутро, одеднаш се слушна силен тресок, и колега адвокат падна на земја пред мои очи. Притрчавме повеќе луѓе, го полија со вода но колегата помодре на ликот и не даваше значи на живот. Друг колега не можеше да му најде пулс. Викнаа брза помош која, секоја чест, дојде за шест минути, но за жал не успеаа да го реанимираат и човекот си почина на работното место. Лесна му земја“, напиша тој на социјалните мрежи.
Алармира дека се работи за исклучително стресна професија која секојдневно го зема данокот.
„Навистина сакам да алармирам, мимо сите гнусни стереотипи околу адвокатурата, дека се работи за исклучително стресна професија која секојдневно зема данок. Баталете ги предрасудите дека отвараш канцеларија и пари врнат, реалноста е дијаметрално спротивна и адвокатскиот леб е многу горчлив.
Воедно сакам и да апелирам на постарите колеги и колешки( починатиот колега имаше 68-70 години) дека нема потреба да се работи до смрт. Лично немам никаква намера да работам адвокатура после моите педесет и две-три години.
Премногу се вознемирив, и сеуште сум, вечна му слава на колегата и сочуство до семејството.
П.С. Меѓу другото од овие причини сум реактивен кога нереализирани и искомплексирани бубалици со џуџест раст ми ја сатанизираат професијата, без два дена пракса. Бујрум, нека отворат канцеларија една година, ќе правиме муабет“, додава тој во неговата објава.