Домашната и меѓународната јавност беа сведоци на еклатантното кршење на процедурите во Државната изборна комисија и партиската и институционална кражба на изборната волја преку незаконската одлука за прегласување во точно избрани гласачки места, во родните места на носителите на опозцијата. Ова го истакна портпаролот на ДУИ, од коалицијата Европски фронт, Бујар Османи.
Како што обвинува Османи, ова било направено со цел контрола на гласачкото место и манипулирање на гласачката волја.
„Одлуките се донесени без факти и незаконски како мајоризацијата во 90-те години. Целта е да се ублажи поразот на опозициските политички партии во албанскиот блок, но и да се оцрни албанскиот гласач дека не може да спроведе коректни избори, кога за првпат на чело на Владата и за организирање на избори е премиер Албанец. Нема да дозволиме оцрнување на албанскиот гласач, ниту манипулурање на волјата на граѓаните. Европскиот фронт на изборите имаше јасна победа наспроти Вреди“, рече Османи.
ДУИ ќе ги обжали одлуките пред Управниот суд, а Османи најави дека ќе поднесат пријави и за членовите на ДИК. Тој очекува дека Управен ќе ја преиначи одлуката на ДИК.
Османи и на средбите со амбасадорите во својство на министер за надворешни работи, го покренал прашањето за изборите.
Претходно, ДИК ги прифати приговорите кои ги поднесоа политичките партии по одржувањето на парламентарните избори на 8 мај, за прегласување во шест избирачки места во ИЕ5 и едно избирачко место во ИЕ6.