Роберто Де Зерби (44) од 18 септември 2022 година го води Брајтон. На 87 натпревари на клупата на тој клуб има 38 победи, 20 нерешени и 29 порази, а минатата сезона се пласираше во Лига Европа.
Де Зерби негува атрактивен и напаѓачки фудбал, поради што е ценет кај колегите. Пеп Гвардиола често зборува за него во суперлативи. Сепак, легендарниот италијански тренер Фабио Капело (77) смета дека Де Зерби е преценет.
„За мене Де Зерби е третокласен тренер. Тој не спаѓа во елитната група на тренери, но не и во втората класа. Според мене спаѓа во третиот ешалон. За него многу се зборува само затоа што Гвардиола го спонзорира, но оваа сезона покажа што може да направи. Сега е десетти со Брајтон Ајде да погледнеме во неговото „Си-ви“, тој има освоено само еден Куп со Шахтјор и тоа е тоа“, изјави Капело и дополни.
„Тој е школуван тренер кој ги покажува своите идеи преку тимовите што ги води, но сепак треба да се докажува. Го поврзуваат со толку многу клубови, а никој досега не контактирал со него. Го имаме и Брајтон, со кој има клаузула од 15 милиони евра во неговиот договор, а тоа не е мала сума кога се работи за тренер“.
Де Зерби во кариерата ги водеше Фоџа, Палермо, Беневенто, Сасуоло и Шахтјор. По 36 кола во Премиер лигата, Брајтон има 12 победи, 12 нерешени и 12 порази и се наоѓа на десеттото место. Испадна од Лига Европа, ФА Купот и Лига Купот.