Јакимовски обвини дека им се украдени повеќе од 600 гласови, ќе поднесат кривична за Даштевски и тужба во Управен суд

Jakimovski-Dastevski.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Коалицијата „Храбро за Македонија“ денес обвини за изборен инженеринг и кражба на гласови на парламентарните избори. Од изборните единици 1, 2 и 3 им биле украдени повеќе од 600 гласови, кои, како што обвинија лидерите на партиите во коалицијата, им биле префрлени на коалициите „Вреди“ и „Европски фронт“.


Коалицијата „Храбро за Македонија“ најави кривична пријава против претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски, тужба во Управниот суд, а не ја исклучија можноста и за кривична против ДИК.

„Ова е голем срам за ДИК. Само од три места ни се скратени повеќе од 600 гласови и им се префрлени на други политички партии. Ова кажува колку голема беше кражбата на овие избори, но и дека овој начин на крадење гласови од помалите партии кои немаат набљудувачи на гласачките места е правен и во претходните изборни циклуси и се додавани пратеници на други партии. За оваа нечесна работа ќе поднесеме тужба во Управниот суд и кривична пријава против претседателот на ДИК, Даштевски кој дозволил на ваков начин да се крадат гласови од одредени партии и во исто време да се префрлуваат на други за да добијат повеќе пратеници“, рече  претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски од чие водство беше формирана коалицијата „Храбро за Македонија“.

Имаат забелешки дека во записниците било заведено дека имаат повеќе гласови, а во финалните резултати од ДИК бројките биле намалени.

„Станува збор за упад во изборни резултати, а делата против избори се кривични, не застаруваат. Група адвокати работи на проценка на серија кривични дела. Кривичната пријава ќе биде против претседателот на ДИК, но не е исклучено да биде и против целата ДИК. Станува збор за упад во софтверот“, обвини лидерот на Интегра, Љупчо Ристовски.

Лидерот на ПЦЕР, Самка Ибраимовски рече дека на коалицијата „Храбро за Македонија“ во изборната единица пет и се украдени 4000-5000 гласа.

„Нека ги остават еднаш Ромите сами да одлучат за кого ќе гласаат. Имаше невиден поткуп, имам и видео докази за повици на граѓани да земаат пари. Замислете, чисто етнички македонски град купен по 200 евра од човек. Имам докази, но ќе им го оставиме тоа на адвокатите“, рече Ибраимовски.

Коалицијата „Храбро за Македонија“ не поднела приговори за изборните резултати оти сметаат дека кражабата ја направила Државната изборна комисија.

„Каде да поднесеме приговори кога ова е направено во самата ДИК? Приговори се поднесуваат за тоа што се случувало на гласачкото место. Од каде ќе претпоставите дека ќе ве украдат од ДИК? Некој за ова мора да заврши во затвор“, рече Јакимовски.

Од коалицијата јавно го повикаа Обвинителството да се вклучи и да направи истрага за украдените гласови.

Државната изборна комисија денес соопшти дека прифатиле седум приговори за седум избирачки места.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK