Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид издаде повеќе наредби за утврдување на причините за смртта на 7-месечното бебе од Вевчани, кое починало рано утрово во ЈЗУ Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ откако било донесено со повреди на главата и итно префрлено во операциона сала, извести Јавното обвинителство.
Неколку часа по спроведената операција, бебето починало на интензивна нега. Јавниот обвинител, со цел да ги расчисти причините за тоа како настанала повредата на бебето, како и да испита дали стручниот персонал ЈЗУ „Св. Еразмо“ постапувал согласно протоколите и процедурите, издаде насоки за прибирање докази. Прибавена е целокупната документација од болницата, издадена е наредба за обдукција на бебето во Институтот за судска медицина во Скопје, се вршат разговори со семејството и блиски лица, а се проверува и медицинската историја на детето и на мајката, соопшти Обвинителството.