Вучиќ: На седницата на Советот за безбедност на ОН ќе одговорам на оние кои ги обвинуваат Србите дека се геноциден народ

Вучиќ-Лавров-во-Скопје-ја-кажа-вистината-кога-е-Србија.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, нема да учествува на самитот на лидерите на Западен Балкан и Европската Унија во Котор, Црна Гора, бидејќи ќе присуствува на седницата на Советот за безбедност на ОН за, како што рече, „да одговори на оние кои би ги обвинилe Србите дека се геноцидна нација“.


Пред заминувањето за Њујорк, Вучиќ во Белград се сретна со рускиот амбасадор Александар Боцан-Карченко, откако во понеделникот беше домаќин на шефот на дипломатијата на Украина, Дмитро Кулеба, кој беше во Србија во исто време со Олена Зеленска, сопругата на претседателот на Украина.

Србија постојано ја осудува руската инвазија на Украина во Обединетите нации и други меѓународни форуми, но одбива да се приклучи на меѓународните санкции против Кремљ, пишува „Н1“.

На денешната средба со рускиот амбасадор, Вучиќ рече дека одржувањето на стабилноста во регионот е од витален интерес за Србија, но дека произволните потези и иницијативи на Приштина како што е резолуцијата на Генералното собрание на ОН за Сребреница не придонесуваат за процесот на помирување, градење доверба и соработката во регионот.

Во посета на Србија е и европскиот комесар за соседство и проширување Оливер Вархеји, кој во понеделникот на заедничката прес-конференција со српскиот претседател, зборувајќи за резолуцијата за Сребреница, рече дека не се согласува со колективното казнување на еден народ.

„Не се согласувам со ставот за колективна вина, не мислам дека стигматизирањето на српскиот народ и колективната вина е одржлив избор, ниту пак ќе придонесе за надминување на ужасите од балканските војни“, рече Вархеји.

Резолуцијата со која се потсетува на геноцидот врз Бошњаците од Сребреница треба да биде претставена на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации во мај, а Вучиќ и претседателот на Република Српска, Милорад Додик, постојано укажуваа дека споменатата резолуција е обид за наметнуваат колективна вина на српскиот народ, а тие инсистираат на тоа дека немало геноцид во Сребреница, иако тоа беше потврдено со пресудите на Хашкиот трибунал.

Резолуцијата повикува да се воспостави 11 јули како меѓународен ден на сеќавање на жртвите на геноцидот во Сребреница, уште еднаш се осудуваат сите дејствија со кои се величат сторителите на воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид утврдени со пресудите на меѓународните судови. Ја нагласува важноста од завршување на потрагата по останките на преостанатите жртви кои досега не се пронајдени и повикува на продолжување на гонењето на сторителите на геноцидот кои се уште се на слобода.

Македонија е коспонзор на Резолуцијата за Сребреница. Претходно денес, претседателот на партијата Македонци во Србија, Горан Илијевски, испрати писмо до новата претседателка на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, да се огради од „непромислената“ одлука на министерот за надворешни работи Бујар Османи и со тоа да ја поништи одлука за прогласување геноцид во Сребреница.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK