Русија рано утринава жестоко ја нападна Украина со проектили и беспилотни летала. Ова го тврди Володимир Зеленски.
„На денот на сеќавањето и победата над нацизмот во Втората светска војна, нацистичкиот Путин изврши масовен ракетен напад врз Украина. Повеќе од 50 проектили и повеќе од 20 беспилотни летала Шахед беа истрелани врз инфраструктурата во Лавов, Виница, Киев, Полтава, Кировохрад, Запорожје и Ивано-Франковск“, објави украинскиот претседател Володимир Зеленски на X.
„Сите служби за итни случаи излегоа на терен и веќе работат на ублажување на последиците од рускиот терор. Цел свет мора да разбере кој е кој. Светот не смее да му даде шанса на новиот нацизам“, порача Зеленски.
Руските воздушни напади утринава првенствено беа насочени кон енергетската инфраструктура низ целата земја, соопштија украинските воени и енергетски претставници.
„Уште еден масовен напад врз нашата енергетска индустрија“, објави на својот канал „Телеграм“ украинскиот министер за енергија Херман Халушенко.
Целите беа објекти за производство и пренос на електрична енергија во регионите Полтава, Кировоград, Запорожје, Лавов, Ивано-Франковск и Виница, додаде тој. Освен регионот Запорожје, сите останати се далеку од линијата на фронтот, која минува низ источниот и југоисточниот дел на Украина.