Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва порача дека изборите се финална одлука за тоа дали Македонија ќе биде вратена назад на народот или ќе остане киданапирана во рацете на стотина луѓе.
„Да ја отфрлиме апатијата и цинизмот и наместо тоа да ја прифатиме моќта на нашиот колективен глас да донесе значајни промени. Заедно надминавме безброј предизвици, преживеавме бури и напредувавме со непоколеблива решителност. И сега, додека стоиме на прагот на новото поглавје во приказната на нашата нација, да го искористиме овој момент со храброст и со одлучност. Пријатели, браќа и сестри, Нашата победа е на дофат. Но, не е доволно само да веруваме во подобро утре. Мора да дејствуваме. Мора да се мобилизираме. Мора да гласаме. За да немаат можност да нѐ уценуваат никогаш повеќе! Ве повикувам да излезете на избори со гордост и со одлучност“, порача Мицкоски.
Како што додаде, сите сме свесни во каква состојба е државата и што се случува околу нас. Оправдано, вели Мицкоски, многумина од вас велат ја изгубивме државата, затоа што гледаат дека институциите не функционираат, ја препознаваат корупцијата која е широко распространета, знаат дека политичарите не мислат на нив, туку само на себе.
„Тоа мора да престане. Мора да престанат разочарувањата и поделбите.Затоа што, има само една Македонија. Нема социјал-демократски планини, и вмро-вски реки, нема градови и села на дуи, или на алијанса и беса, или алтернатива, нема езера на левица или на Знам, тоа е една единствена Македонија. Нема социал-демократска или вмровска Македонија. Има само една Македонија. И ова е говорено многупати претходно но никој ништо не превзел. И се додека тоа не го сфатиме сите, и одговорно се однесуваме кон тоа, затоа што е крајно време, и ова е ми се чини и нашата последна шанса, се до тогаш, не е можен просперитет. Мора да сфатиме дека има само една Македонија и сите сме нејзин составен дел и дека таа не е ништо без нас и ние без нејзе, и дека од тоа каква е и каква ќе биде, зависат нашите животи и животите на идните генерации“, порача Мицкоски.