Русија за прв пат официјално и се закани на Британија со напади на нејзина територија.
„Доколку Украина ги користи ракетите доставени од Велика Британија за да ја нападне Русија, тоа може да резултира со руски напади врз воени цели во Велика Британија и надвор од Украина“, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
Британскиот амбасадор Најџел Кејси беше повикан во руското Министерство за надворешни работи на официјална протестна нота откако британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон изјави дека Украина има право да користи британско оружје за напад на руска територија. Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека изјавата на Камерон значи дека Британија практично признала дека е учесник во војната во Украина.
„Кејси беше предупреден дека како одговор на украинските напади на руска територија со британско оружје, сите британски воени инсталации и опрема на територијата на Украина и во странство би можеле да станат цели“, се вели во соопштението.
„Амбасадорот е поканет да размисли за неизбежните катастрофални последици од ваквите непријателски потези на Лондон и веднаш да ги отфрли воинствените и провокативни изјави на министерот за надворешни работи на дециден и недвосмислен начин“, пишуваат од Министерството.
Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон минатата недела изјави дека Украина треба да одлучи како да користи британско оружје и нагласи дека Киев има право да гаѓа цели на руска територија.
За време на посетата на Киев, тој рече дека Британија ќе и дава на Украина 3 милијарди фунти (околу 3,5 милијарди евра) годишно, колку што е потребно. „Исто како што Русија напаѓа внатре во Украина, можете да разберете зошто Украина чувствува потреба да ја обезбеди својата одбрана“, рече Камерон.
Шефот на британската дипломатија, кој се сретна со претседателот Володимир Зеленски во Киев, рече дека Русија започна напад врз Украина и Украина има „апсолутно право да возврати на Русија“.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова во петокот изјави дека изјавите на британскиот министер за надворешни работи се признание дека Западот води војна против Русија користејќи „украински раце“.
„Зборовите на Камерон се уште еден доказ за хибридната војна што Западот ја води против нашата земја“, рече Захарова.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, истакна дека ова е директна ескалација на тензиите околу украинскиот конфликт, што потенцијално претставува закана за европската безбедност.