Ралф Рагник сепак нема да биде тренер на Баерн Минхен. Кристијан Фалк, веројатно најпознатиот инсајдер кога станува збор за она што се случува во германскиот великан, тврди дека 65-годишниот стратег решил да се заблагодари на понудата и да ја продолжи работата како селектор на Австрија.
Баерн Минхен по завршувањето на сезоната ќе остане без Томас Тухел. Резултатите му пресудија на тренерот и тој ќе го напушти клубот, дури и да ја освои Лигата на шампионите.
Баварците, од јануари, се бво потрага по нов тренер. Најпрвин ги одби Чаби Алонсо, а потоа и Јулијан Нагелсман. Алонсо реши да остане во Баер Леверкузен, а Нагелсман го продолжи договорот со Фудбалскиот сојуз на Германија.
„Скај Спортс Германија“, вчера објави дека Рагник е во завршни преговори со Баерн.
„Рангник е извонреден познавач на фудбалската сцена. Тој има исклучителни вештини за развој на играчи и тимови. Сè што слушнав за австриската репрезентација под негово водство е многу, многу позитивно. Разговорите со него одат во вистинска насока. Ако дојде, тоа ќе биде многу добро решение за нас“, изјави вчера претседателот Херберт Хајнер.
Преговорите со Рагник сепак не завршија поволно за Баерн. Тренерот решил да ја одбие понудата и да остане селектор на Австрија. Со Фудбалскиот сојуз на оваа земја тој има договор до 2026 година.