Костадиновска-Стојчевска: „Правината се танчи, ама не се кинит“ – нов мурал во Прилеп во рамки на “Цртај на македонски”

prilep3.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска на промоцијата на новиот мурал на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, порача дека младите преку уметноста оддаваат почит кон личностите кои имаат непроценливо значење за нашиот идентитет, култура и историја.


− „Цртај на македонски“ со креативни уметнички идеи го заштитува и го промовира македонскиот јазик. Насликан е уште еден мурал преку кој младите уметници оддаваат почит кон личностите со непроценливо значење за нашиот идентитет, култура и историја − рече Костадиновска-Стојчевска, која додаде дека во изминатите три години младите со своите креативни идеи на автентичен начин ги популаризираат македонскиот јазик и нашата уникатна народна мудрост.

Муралот е дел од конкурсот на Министерството за култура, „Цртај на македонски“, а го изработи визуелната уметница Ивана Самандова, во организација на „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“. Муралот, на кој е насликан цитатот „Правината се танчи, ама не се кинит“ од македонскиот културен деец, собирач на умотворби и фолклорист Марко Цепенков, е дел од поддржаниот проект на Самандова, „Јазикот коски нема, ама коски кршит“.

– Преку конкурсот „Цртај на македонски“ во изминатите три години ги поттикнавме младите на креативност. Отворивме нови можности за поддршка и презентација на нивниот талент – рече министерката за култура и додаде дека за три години преку овој конкурс се доделени пет милиони денари за реализација на над 60 дела.

„Министерството за култура останува посветено кон младите автори за чие творештво секогаш имаме посебна почит и обврска да го прикажеме на публиката“, истакна Костадиновска-Стојчевска денеска на промоцијата на новиот мурал на предната фасада на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK