Крим главна цел: Пентагон откри за што Украина ќе ги користи моќните ракети АТАКМС

krimski-most.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерството за одбрана на САД ја појасни целта за испорака на ракети со долг дострел во Украина, кои неодамна беа испорачани во тајност. Како што објави „Њујорк тајмс“, целта на испораката на американските ракети АТАКМС е да се зголеми притисокот врз Крим, кој беше анектиран од Русија по референдумот во 2014 година.


Крим го претставува центарот во кој се лоцирани голем број руски воздушни и копнени сили и кој досега, како што пишува американскиот дневен весник, „за нив бил релативно безбедно засолниште“. Ова го тврди анонимен американски функционер. Сепак, Пентагон одби да каже колку точно од овие проектили со дострел од 300 километри се испорачани на украинската страна.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, претходно ја потврди испораката на овие ракети без да прецизира дали тие се модифицирани и имаат зголемен дострел.

Украинските сили веќе употребија АТАКМС, што претседателот Володимир Зеленски го потврди на 17 април, објавувајќи дека бил извршен напад врз воздухопловната база Џанкој, која се наоѓа на 165 километри од линијата на фронтот. Министерството за одбрана на Руската Федерација не ги коментираше овие наводи.

Американскиот дневен весник потсетува дека Украина првпат добила ракети АТАКМС во септември минатата година, но дека станува збор за верзија со половина дострел. Се шпекулираше дека Украина можеби користела американски ракети за да го урне кримскиот мост, што на почетокот на месецов го потврди и самиот претседател Зеленски, велејќи дека неговата влада „навистина сака да го уништи мостот на Крим“.

Тој е симбол на руската окупација и преку овој мост Русија испорачува воена опрема и ги снабдува војниците во Украина. Во неколку наврати досега мостот беше цел на украински напади.

– Мислам дека е вистинското време, а шефот (Бајден) донесе одлука дека е вистинско време да и го обезбеди на Украина оружјето неопходно за тековната борба. Тоа е добро осмислена и многу конструктивна одлука – изјави адмирал Кристофер Грејди, заменик командант на Здружениот генералштаб на американската армија.

Руската страна го осуди потегот на САД, а рускиот амбасадор во Вашингтон Анатолиј Антонов рече дека тоа „ја зголемува заканата за безбедноста на Крим, вклучително и Севастопол и другите руски градови“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK