Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков се закани дека Русија ќе ги таргетира нуклеарните оружја и објектите на НАТО, доколку тие бидат распоредени во Полска. Тој рече дека заедничките нуклеарни мисии на НАТО во близина на руската граница се сметаат за закана за нејзината безбедност, пренесува руската државна агенција ТАСС.
„Да не кажам ништо за трајно распоредување, за што зборуваат жешките глави во Варшава. Затоа сите оние политичари кои разговараат за таква опција во Полска и во странство треба да разберат: соодветните капацитети неизбежно ќе бидат цел. Тие ќе бидат први на список на нашето воено планирање“, се закани тој.
Полска во понеделникот објави дека е подготвена да прифати нуклеарно оружје на своја територија доколку НАТО, чиј член е, одлучи да го зајакне своето источно крило бидејќи Русија распоредува ново оружје во Калининград и Белорусија.
„Доколку нашите сојузници одлучат да распоредат нуклеарно оружје на наша територија како дел од дистрибуцијата на нуклеарно оружје за да ја зајакнеме безбедноста на источното крило на НАТО, ние сме подготвени на тоа“, изјави Анджеј Дуда за весникот Факт.
„Војната меѓу Русија на Владимир Путин и НАТО би завршила со неизбежен пораз на Москва“, изјави денеска полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски.
„Ние, Западот, не треба да се плашиме од конфликт со Путин, туку обратно“, рече Сикорски за време на говорот во Сејм, Долниот дом на полскиот парламент. Сикорски додаде дека рускиот воен и економски потенцијал „бледи во споредба со оној на Западот“, бидејќи НАТО има три пати повеќе воен персонал, три пати повеќе воздушен персонал и четири пати повеќе бродови од Русија.