Половина од старата данска берза е целосно уништена, а останаа само надворешните ѕидови по уривањето на покривот во разорниот пожар вчера, соопштија денеска данските власти. Пожарот што ја зафати познатата зграда стара 400 години, уривајќи ја нејзината кула, поради што многумина го споредуваат настанот со пожарот во париската катедрала Нотр Дам во 2019 година, сè уште гори на некои тешко достапни места.
Околу половина од зградата, изградена во холандски ренесансен стил, беше спасена, иако причинетата штета беше сепак огромна бидејќи зградата мораше да биде поплавена.
„Изгоре сè што порано беше градежна конструкција и прегради меѓу катови“, изјави за Ројтерс шефот на оперативната служба на противпожарната служба во Копенхаген, Френк Трир Микелсен, мислејќи на најпогодениот дел од зградата.
„Остануваат само надворешните ѕидови“, рече тој. Борбата со пожарот траеше подолго од очекуваното поради преостанатиот пламен во урнатините што тлее, а напорите за гаснење се очекува да траат најмалку до четврток наутро.
Во текот на ноќта беа поставени големи контејнери за да ги поддржат оштетените ѕидови и да спречат рушење на историските ѕидови од тули, рече Микелсен.
Во зградата повеќе не е сместена берзата, туку служи како седиште на Стопанската комора.