Членовите на Дипломатскиот клуб – Скопје, денес разменија мислења околу најактуелните случувања на надворешен план.
Случувањата на Блискиот исток, израелско-арапските вооружени судири со киднапирања, цивилни жртви и разорувања, иранскиот напад на Израел, по руската агресија врз Украина, претставуваат дополнително загрозување на светскиот мир, оценуваат тие.
Во таа смисла најостро беше осуден воздушниот напад на Иран врз Израел којшто може да доведе до натамошна ескалација на безбедносните состојби не само на Блискиот исток.
Тие ја нагласија загриженоста дека овие настани можат да поттикнат активирање на ретроградни процеси во повеќе региони во светот во кои тлеат тензии, латентни судири и ќе имаат директно влијание врз светската економија и забрзување на милитаризацијата на општествата.
Уште еднаш беше укажано на потребата, наместо со оружје, проблемите и недоразбирањата меѓу државите и конфронтираните страни да се решаваат по мирен пат и дека во тој процес треба максимално да се искористат услугите на дипломатијата.
Согласно Статутот на Здружението на граѓани Дипломатски клуб – Скопје, денеска одржа и редовно Годишно, изборно собрание.
На дневниот ред на собранието се најдоа повеќе точки поврзани со активностите на Клубот во периодот 2022-2024 година, донесување на неколку одлуки важни за работата на здржението, избор на ново раководство на клубот, а се утврдија и нови иницијативи за делување. Притоа, беше избрано и ново раководство на здружението, а за нов претседател беше избран амбасадорот Јова Теговски, додека беше оддадена благодарност и признание на работата и посветеноста на досегашното раководство на Клубот, особено на неговиот претседател, амбасадорот Огнен Малески.
Во дискусијата мошне позитивно беа оценети реализираните бројни и плодни активности и ангажманот на членовите на здружението, што придонесоа за негова натамошна амфирмација и видливост во домашната јавност и дипломатско-конзуларниот кор во нашата земја. Особено беше нагласена успешната соработка со неколку институции, како на пример со Факултетот за безбедност, Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, Правниот Факултет, Американскиот Универзитетски Колеџ Скопје, МАНУ и се реафирмираа заложбите за проширување на соработката со Министерството за надворешни работи. Исто така, стана збор и активностите на Клубот во наредниот двегодишен период, при што акцентот ќе биде ставен на одбележувањето на важни јубелии коишто се однесуваат на дипломатијата и на односите на македонски субјекти со странство, односно на дипломатските односи на нашата земја со други држави и на активностите во рамките на меѓународните организации