Воениот кабинет на Израел не успеа да се договори по две жестоки седници за тоа како да одговори на иранскиот напад за време на викендот во кој беа испукани повеќе од 300 беспилотни летала и проектили на израелска територија во првиот директен воен конфликт меѓу Исламската Република и еврејската држава.
Израел, всушност, мора да го балансира меѓународниот притисок за да покаже воздржаност од една страна, а во исто време да даде соодветен одговор на нападот без преседан. Премиерот Бенјамин Нетанјаху сега мора да го измери повикот на неговата десничарска коалиција за силен одговор наспроти ризикот од понатамошна меѓународна изолација на Израел преку проширување на војната без меѓународна поддршка.
Што се случи вчера во воениот кабинет?
Воениот кабинет на Израел, кој исто така се состана вчера, е решен да одговори на историскиот ирански напад, изведен поради, како што Иран вели, израелскиот напад врз иранскиот конзулат во Дамаск на 1 април. И покрај притисокот од сојузниците да не ескалира, владата сега дебатира за времето и опсегот на одговорот, изјавија за Си-ен-ен, двајца израелски официјални лица запознаени со размислувањата.
Аналитичарите велат дека Израел има неколку опции, од кои секоја има цена за еврејската држава, особено затоа што веќе е вовлечена во брутална шестмесечна војна со Хамас во Појасот Газа и се соочува со различни милитанти поддржани од Иран.
Директен напад врз Иран би бил нов преседан
Директен напад врз Иран би поставил уште еден преседан. Иако се верува дека Израел спроведувал тајни операции во Иран во текот на годините, вообичаено насочени кон поединци или објекти кои се сметаат за закана за Израел, тој никогаш не извршил директен воен напад на иранска територија.
„Дефинитивно сме во нова фаза и многу опасна фаза од израелско-иранскиот конфликт“, рече Раз Зимт, експерт за Иран, во Институтот за национални безбедносни студии (ИНСС) во Тел Авив.
„Иран секако се обиде да ги промени правилата на игра со Израел… Можеме да очекуваме повеќе рунди на директни напади во иднина“, додаде тој.
Иако можеби е тешко за Израел да се воздржи од одговор, рече тој, можно е да не изврши непосреден голем воен напад врз цели во Иран бидејќи Техеран вети дека ќе возврати со уште посилен одговор од нападот започнат викендот.
„Мораме да ги постигнеме главните цели во Газа, а не да отвораме нови фронтови“
„Преференцијата во Израел е да се концентрираме на постигнување на нашите главни цели во Газа, наместо на отворање нови фронтови“, рече Зимт за Си-ен-ен.
Алон Пинкас, поранешен израелски дипломат, рече дека Израел веројатно нема да возврати со директен удар против Иран. Но, ако тоа се случи, рече тој, последиците ќе зависат од целите. Целите може да вклучуваат воени средства или нуклеарна програма на Исламската Република, рече тој. „Секое претставува различно ниво на ескалација“.
Израелски функционер за Си-ен-ен вчера изјави дека меѓу воените опции што се разгледуваат е напад врз ирански објект што ќе испрати порака до Техеран, но ќе избегне да предизвика жртви. Израелските власти признаваат дека ова е полесно да се каже отколку да се направи, додаде официјалниот претставник.
Ограничувања на сојузниците
Сепак, одговорот на Израел може да биде ограничен со фактот дека тој дејствуваше како дел од неформална коалиција кога се бранеше од ирански ракети и беспилотни летала, рече Тамир Хејман, поранешен шеф на израелското воено разузнавање.
Нападите беа спречени со помош на сојузниците, вклучувајќи ги САД, Велика Британија и Франција, како и Јордан.
„Тоа е ефективно и важно, но ќе ја ограничи слободата на дејствување како одговор“, рече Хејман, кој сега го води Институтот за национални безбедносни студии (ИНСС) во Тел Авив. Западните и арапските сојузници го одвраќаат Израел да одговори на иранскиот напад.
Американскиот претседател Џо Бајден и високи членови на неговиот тим за национална безбедност им кажале на своите израелски колеги дека САД нема да учествуваат во каква било офанзивна акција против Иран, потврдија американски официјални лица запознаени со ова прашање. Бајден се обиде да го опише успешното пресретнување на иранскиот напад од страна на Израел како голема победа, истовремено сугерирајќи дека понатамошната израелска реакција е непотребна.