Кандидатот за претседател од Европскиот фронт Бујар Османи инсистира на медиумски дуел со противкандидатот од ВМРО ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.
Османи упати две јавни покани до политичкиот опонент, од пладневната прес-конференција во Министерството за надворешни работи и од синоќешниот митинг во Црнилиште.
„Ја поканив противкандидатката г-ѓа Гордана Силјановска, и пак ја поканувам, ајде да дебатираме! Бидејќи нашите две понуди се единствените алтернативи, ајде да влеземе во дебатата! Јас ќе зборувам за интеграција, вие ќе зборувате за изолација. Јас ќе зборувам за соживот на Европскиот фронт, вие ќе зборувате како ви требаат 61 пратеник за да ги исклучите Албанците, Турците и другите од одлучувањето. Ќе зборувам како секој од нас да има европски пасош во џебот, а таа нека зборува како ги тера луѓето и нашите граѓани да земат бугарски пасош за да избегаат во Европа. Ова се 2-те алтернативи кои ни се нудат“ – истакна Османи.