Досегашните мерки за згрижување на децата од улица и работата со нив не го даваат посакуваниот резултат, вели Васка Бајрамовска-Мустафа од канцеларијата на Омбудсманот, на Меѓународниот ден на деца од улица. Деца кои питачат на улица се уште има иако надлежните органи преземаат мерки за намалување на нивниот број.
„Праксата покажува дека ефектите од згрижувањето на децата, начините на работа со нив очигледно не ги даваат посакуваните резултати. Податоците што ги обезбедивме преку центрите за социјална работа, преку Заводот за социјални дејности, од интервјуата со самите родители, со самите деца згрижени во дневните центри за деца во социјален ризик, деца на улица, укажуваат на тоа дека се уште причините за појавата на деца на улица не се сфаќаат сериозно“, вели Бајрамовска – Мустафа.
Таа вели дека сегашната состојба со децата на улица треба да се сфати како аларм за посериозен пристап на институциите кон решавањето на проблемот оти децата на улица многу лесно може да завршат како жртви на трговија со деца.
„Сметаме дека сегашниот протокол, доколку се оди по утврденото како норма, како правило, може да даде сериозни резултати, но фактот дека ние секојдневно сме сведоци на деца кои не питачат сами туку со своите родители, питачат со други лица, кои што се, а можеби и не се нивни блиски, укажува на потребата од многу посериозен ангажман на надлежните центри за социјална работа во чија надлежност се овие семејства во социјален ризик. Да работат о нив, да ги мапираат евентуалните можни злоупотреби, да ги превенираат можните злоупотреби на овие деца бидејќи и пред десетина годи и сега го кажуваме истото – ваквите деца во социјален ризик кои животот го поминуваат на улица наместо детството да го поминат во училишните клупи со своите врсници, се многу лесно подводливи, многу лесно можат да бидат жртви на секакви злоупотреби на секакви манипулации вклучително можат да бидат и жртви на трговија со деца“, смета Бајрамовска – Мустафа.
Досегашното искуство со децата на улица и работата со нивните родители, според Бајрамовска – Мустафа, укажало и на решението на проблемот. Сите деца кои питачат потекнуваат од семејства кои живеат во супстандардни услови, без вода, без струја, и за многумина социјалната помош е единствен извор на приход, па од тука решение на проблемот би било вработување, образување и обезбедување постојан приход за родителите кои, пак, би обезбедиле нормален развој на децата.
„Најсоодветно решение според институцијата Народен правобранител е да може да се работи со овие деца и со родителите подеднакво. Она што нашето истражување покажува дека недостасува е лошата материјална состојба, тешката економска состојба во која живеат овие семејства е една од причините кои тие излегуваат на улица. Затоа една од нашите препораки во истражувањето е да се обезбеди постојан приход на овие семејства затоа што егзистенција со социјална помош очигледно не ги дава потребните резултати. На една од посетите кога го направивме истражувањето во летниот период во дневниот центар разговарајќи со еден од родител чие дете беше изложено на питачење, одеше да питачи со своите врсници, запрашан зошто сега неговото дете не оди да питачи, одговорот беше ‘сега јас работам нема потреба да излезе и да питачи’. Ова укажува каде треба да се работи со овие семејства и факт е дека треба континуирано да се подигнува и свеста на родителите меѓутоа и генерално на заедницата за тоа дека питачењето или давањето пари не е решение на проблемот. Треба посериозно да се зафатиме со решавањето на овој проблем. Како што го решивме проблемот со неевидентираните лица така и децата на улица да го имаат крајното решение кое што ќе биде во нивен најдобар интерес “, вели Бајрамовска – Мустафа.
Трите центри за деца од улица згрижуваат најмногу 70-80 деца оти максималниот капацитет им е ограничен на 24. Два од нив се во Шуто Оризари, а еден во Кисела Вода. Бајрамовска – Мустафа вели дека овие три центри не се доволни и советува секоја локална самоуправа каде што има деца на улица да отвори центри за нивно згрижување и сериозно да се посвети на работата и со децата и со родителите.