Не можеме да се сетиме на ниту една добра и позитивна работа која што оваа влада на СДСМ и ДУИ ја направила, вели Христијан Мицкоски претседател на ВМРО-ДПМНЕ на денешниот митинг во населено место Ропотово, општина Долнени во рамки на претседателската кампања.
Мицкоски истакна дека неодговорно ќе биде ако се дозволи и во иднина да владеат ДУИ и измеќарите на ДУИ, СДСМ.
„Ние не смееме и неодговорно од нас ќе биде како генерација во ВМРО-ДПМНЕ и како генерација граѓани на Македонија, да дозволиме во иднина повторно да ни се случат овие кои што денеска се во владата ДУИ и измеќарите на ДУИ, кои што доаѓаат од СДСМ“, рече тој и додаде:
„СДСМ беше државотворна партија која што во раните 90-ти беше сериозен конкурент на ВМРО-ДПМНЕ, денеска се претвори заедно со раководството во ништо повеќе од еден обичен измеќар на Али, Артан, на Бујар, на Талат и останатите“.
Мицкоски посочи дека наместо живот и едно општество кое што го ветуваше СДСМ, донесе всушност живот само за оние малкумина кои што денеска уживаат во милионите кои ги крадат од граѓаните.
„Наместо живот и едно општество за сите, тие донесоа живот само за неколкумина од нив кои денеска уживаат во милионите кои ги крадат од граѓаните. Исто така донесоа едно општество но за неколкумина кои што денеска продолжуваат како што тоа го правеа изминатите 6 и пол години, буквално да ја уништуваат Македонија. Тоа е она кое што тие го ветуваа пред 6 и пол години, и тоа е она кое што го донесоа 6 и пол години потоа“, смета Мицкоски.
Нагласи дека СДСМ ветувале сигурен откуп и повисока цена за земјоделските производи, но денеска се случува целосна катаклизма во земјоделството и сточарството.
„Денеска во земјоделието и сточарството се случува катаклизма. Не само што немаме загарантиран откуп по повисока цена, туку и тоа што се произведува за три пати помалку, за тоа што се произведуваше пред 10, 12 или 13 години. Денеска нивите ни се буквално не посеани, буквално нема денеска поради иселувањето кој да ги ожнее и оние малку кои се посеани, а за загарантираниот откуп ја нема ни буквата з, затоа што денеска ниту субвенциите не се исплаќаат соодветно на она кое што им следува на земјоделците“, изјави Мицкоски.
Потенцираше дека граѓаните имаат две опции, Македонија горда на Силјановска Давкова, и Македонија засрамена на Стево Пендаровски.
„Ја имаме едната опција и понуда, Македонија горда и Гордана Силјановска Давкова и другата опција каде што е Македонија засрамена и понижена која што ја претставува Стево Пендаровски. Изборот е јасен уште на самиот почеток“, кажа Мицкоски и повика на масовна поддршка од граѓаните на 24 април и 8 мај.
„Ве молам најпрво на 24 април да ја направиме Македонија горда, а на 8 мај уште помасовно не само горда туку и твоја, за идна влада на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија“, рече тој.