Шефот за клима на ОН: Имаме уште две години да ја спасиме планетата

Klimatski-promeni.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Владите, деловниот свет и развојните банки имаат уште две години да направат нешто за да избегнат многу полоши климатски промени, изјави денеска шефот на Обединетите нации за климата.


Научниците тврдат дека е неопходно до 2030 година да се преполоват емисиите на штетните стакленички гасови за да се спречи зголемувањето на температурата за повеќе од 1,5 степени во однос на прединдустрискиот период. Неуспехот би предизвикал екстремни временски услови и топлина.

И покрај ова, емисиите на јаглерод диоксид се зголемија на рекордно ниво минатата година, а сегашните ветувања на земјите за борба против климатските промени, доколку се исполнат, само маргинално ќе ги намалат глобалните емисии до 2030 година. Сајмон Стил, извршен секретар на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени (UNFCCC), предупреди дека следните две години се клучни за спас на нашата планета.

„Сè уште имаме можност да ги намалиме емисиите на стакленички гасови со новата генерација национални климатски планови. Но, сега ни требаат посилни планови!“, рече тој.

Говорејќи на конференцијата за тинк-тенк Chatham House во Лондон, Стил рече дека земјите од Г-20 се колективно одговорни за повеќе од 80 отсто од глобалните емисии и затоа мора да дејствуваат итно. Главната цел на овогодинешните преговори на ОН за климатски промени е да се постигне договор за финансирање на земјите во развој кои имаат потешкотии во транзицијата од фосилни горива.

Стил рече дека парите може да се обезбедат преку простување на долговите, поевтино задолжување за посиромашните земји, нови извори на меѓународно финансирање како што се даноците за транспортни емисии и реформи на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд.

„Секој ден министрите за финансии, директорите, инвеститорите, банкарите за климата и развојот насочуваат милијарди долари. Време е тие долари да се пренасочат“, нагласи тој.

Во „супер-изборна“ година кога гласачите го даваат својот глас од Индија, Јужна Африка, Европа до Соединетите Држави, Стил рече дека климатските активности премногу често „излегуваат од агендата на владите“.

Политичарите како републиканскиот кандидат Доналд Трамп или екстремно десничарските партии на претстојните европски избори ги отфрлаат климатските политики.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK