Белгиецот Марк Брис ќе биде селектор на Камерун до крајот на 2027 година.
Белгиецот е под договор со Министерството за спорт на Камерун. Фудбалскиот сојуз со молк го прифати наследникот Ригоберт Сонг, но незадоволсвото од назначувањето на новиот селектор претседателот на „куќата на фудбалот“ Самуел Ето, го покажа со тоа што не присуствуваше на потпишувањето на договорот и на презентацијата на Белгиецот.
Минатата недела Фудбалскиот сојуз на Камерун ја критикуваше одлуката на министерот за спорт, Нарсисо Муел Комбит да го назначи Брис за селектор, иако 61-годишниот Белгиец нема искуство како селектор и досега не работел на африканскиот континент.
„Ви благодариме што не поканивте на церемонијата. Ве известуваме дека писмото го добивме два часа пред споменатата церемонија. За жал, ние сме зафатени со организирање на погребот на нашиот покоен татко и поради таа причина нема да можеме да присуствуваме на церемонијата“, пишува во „отвореното писмо“ што го упти Ето до Министерството за спорт.
Фудбалскиот сојуз на Камерун соопшти дека предложиле тројца кандидати за позицијата селектор. Министерството ги одбило предлозите бидејќи не можеле да одговорат на финасиските барања на кадидатите кои се движеле помеѓу 1,5 и 2,5 милиони евра годишно.
„Тоа се преголеми суми кои никогаш не му биле исплатени на ниту еден селектор во историјата на Камерун“, рече министерот Комби објаснувајќи зошто самостојно го избрал селекторот.