Обвинителството во Корча испрати допис до македонските надлежни институции очекувајќи соработка за расветлување на убиството на браќата Мартин и Андреа Олдаши.
Како што јавуваат албанските медиуми, тамошното Обвинителство бара да го испита лицето Ф.Д. со коешто жртвите имале контакт.
Според информациите, се работи за лице кое било уапсено кај Прилеп од страна на македонската полиција, кога од Албанија внел 53 килограми марихуана.
„Одговорот од надлежните органи би помогнал во истрагата за двојното убиство за кое се уште нема сторители“, наведува албанскиот медиум „Топ чанел“, додавајќи дека допис имало и претходно, а истрагатата ќе биде стопирана додека не добијат одговор на нивното барање.
Двојното убиство се случи во декември 2020 година во селото Шќитас, општина Малик, кога двајцата браќа биле киднапирани, а потоа егзекутирани, додека нивните тела биле фрлени во канал за наводнување.
Албанските медиуми пишуваат дека браќата се занимавале со криминални активности.