Пристапот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху кон војната во Газа е „грешка“, рече американскиот претседател Џо Бајден во интервју за Univision, американска ТВ мрежа на шпански јазик, нудејќи дополнителни критики за израелското справување со конфликтот.
„Мислам дека тоа што го прави е грешка. Не се согласувам со неговиот пристап“, изјави Бајден за Univision.
Американскиот претседател, исто така, претходно го нарече израелското бомбардирање на Газа „неселективно“, а неговите воени дејствија „претерани“.
Белата куќа минатата недела објави дека претседателот во разговор со Нетанјаху се заканил дека американската поддршка за израелската офанзива ќе ја условува со преземање конкретни чекори за заштита на хуманитарните работници и цивилите. Тој повик уследи по израелскиот воздушен напад во кој загинаа седуммина вработени во хуманитарната група World Central Kitchen.
„Она на што апелирам е Израелците само да повикаат на прекин на огнот, да овозможат во следните шест, до осум недели целосен пристап до целата храна и лекови што влегуваат во земјата“, рече Бајден во интервјуто.
Воениот напад на Израел врз Газа е предмет на зголемени меѓународни критики. На домашен план, Бајден, исто така, се соочи со повеќемесечни протести на антивоени активисти, муслимани и арапски Американци низ целата земја, кои бараа траен прекин на огнот во Газа и ограничувања на американската воена помош за Израел.
Во нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, според израелските податоци загинаа околу 1.200 луѓе. Во израелскиот воен напад што следеше врз Газа, управувана од Хамас, според локалното Министерство за здравство се убиени повеќе од 33.000 луѓе, додека повеќето од 2,3 милиони жители се раселени.
САД традиционално го штитат Израел во Советот за безбедност на ОН и ставија вето на три нацрт-резолуции за војната во Газа.