Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски заедно со професорите од Институтот за специјална едукација и рехабилитација во рамки на Филозофскиот факултет, проф. др. Оливера Рашиќ Цаневска и проф. др.Горан Ајдински денеска го посетија првиот центар во Република Македонија за сензорна интеграција и психомоторна реедукација кој неодамна беше изграден во градинката „Пампурче“ во Ѓорче Петров.
Центарот е со три простории, секоја просторија е со различна намена, односно сетилна соба, психомоторен кабинет и сензорна интеграција со вкупно 60 елементи за изведување на ваков тип настава.
Со овој центар, значително ќе им се помогне на децата за полесно интегрирање во основното оразование.
-Продуктивна посета, проследена со размена на меѓусебни искуства и идеи за подобрување на условите во предучилишна, но и училишна возраст за дечињата со атипичен развој и попреченост. Задоволство ми е што професорите од Институтот ни излегоа во пресрет во однос на работата на сензорниот центар, односно што ќе ни помогнат при правилно користење на елементите кај децата, и сето тоа, преку нивни студенти кои ќе го посетуваат центарот на пракса. Тоа ќе биде од голема помош за нас како општина, но пред се за наставниот кадар во градинката кој секојдневно работи со деца со атипичен развој во „Пампурче“, но и во други образовни институции, рече Стојкоски.
Ова, како што додаде е еден од предлозите за кои се разговараше.
– Се зборуваше и во насока на правилно интегрирање на децата и лицата со попреченост, генерално во образовниот систем, но и во секојдневието, со што што значително ќе им се олесни на родителите, воспитувачите, наставниците и стручниот кадар, истакна Стојкоски.
Поради се поголем број дечиња со попреченост во градинките, помошните простории кои претходно се користеле како помали простории за деца со попреченост во градинката „Пампурче“ се пренаменети и искористени за изградба на нов центар.