Се’ уште се трага по телото на Данка – улогата на форензичарите може да го одреди движењето на девојчето

devojche-1.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Како е можно телото на двегодишната Данка Илиќ, веднаш по апсењето и признанието на осомничените, се уште да не е пронајдено е клучното прашање во овој момент.


Треба да се земе предвид и дека во потрагата покрај големиот број полицајци и специјалци, биле вклучени и граѓани, а меѓу нив е и еден од осомничените, изјави за Еуроњуз Србија, пензионираната полковничка, Славица Радовановиќ.

Таа вели и дека во овој случај улогата на форензичарите е многу важна, особено на почетокот на истрагата, бидејќи, како што објаснува, информациите до кои дошле форензичарите во првите часови го диктираат натамошниот тек на истрагата.

„Многу е важно местото каде што последен пат е видено девојчето да биде обезбедено до пристигнувањето на екипата која ќе продолжи да истражува. Во текот на самата истрага, која е позната како прелиминарна истрага, можно е да се открие повеќе или одредена количина на докази кои можат да бидат показатели во која насока треба да се насочи истрагата“, вели таа.

Имено, како што објаснува, на овој начин би можело да се утврди точното движење на девојчето, во кој правец тргнала и каде и се последните траги, како и дали во нејзина непосредна близина се движело некое возило.

Министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ изјави на денешната прес-конференција дека на двајцата осомничени им е извршено полиграфско тестирање, како и дека возачот имал задоцнета реакција, додека совозачот имал реакција, по што им биле одземени возилата.

Радовановиќ забележува дека иако не е доказно средство, полиграфот може да ја насочува и истрагата и дека имало елементи двајцата осомничени да бидат приведени веќе по полиграфското вештачење.

„Не можам да ја разберам задоцнетата реакција на полиграфот. На полиграфот или имаш реакција или немаш, бидејќи системот е таков што ја бележи твојата внатрешна состојба, односно реакцијата на поставените прашања. Без разлика кога се случува реакцијата, дали, според министерот, билa задоцнета, во тој момент луѓето стануваат осомничени и се води сериозен оперативен разговор со тие луѓе“, вели таа.

По веста дека денеска се уапсени двајцата мажи бидејќи се осомничени за убиство на двегодишното девојче, некои прашања не добија конечен одговор. Главното е што и покрај признанието на осомничените, потрагата по телото на детето се уште трае. Покрај околината на Бор, се пребарува и просторот во едно од двете села од кои потекнуваат осомничените за нејзиното убиство.

Имено, постои можност телото на девојчето да е префрлено на друго место. Овој сомнеж го поткрепуваат сознанијата на полицијата дека еден од осомничените се вратил на депонијата на 28 март.

Радовановиќ вели дека сите овие информации отвораат многу други прашања – од тоа дали е во ред граѓаните да се вклучат во потрагата, бидејќи еден од осомничените бил вклучен во тоа, до што се случило со телото и каде се наоѓа.

„Во овој момент не ми е ни јасно како не се знае местото каде е телото на девојчето. Сега се обвинуваат меѓусебно и телото не може да се најде. Така што според информациите што ги слушнавме тие се тие кои ја однеле Данка кај некоја од депониите. Тоа се сите работи каде што навистина треба полицијата да постапи поефикасно и побрзо. Не ја намалувам важноста на полицијата, таа е голема, но факт е дека слушнавме разни шпекулации. Јавноста е вознемирена за се што се случува“, вели таа.

Радованиќ укажува и на околностите во кои се бараше Данка изминативе десетина дена.

„Многу е можно тие, имајќи информации што претресувала полицијата и во кој правец имала намера да претресе, па можеби дури и го преместувале телото од место на место. Ова се само дел од моите претпоставки и затоа многу е важно кога зборуваме за вклучување на граѓаните, многу е важно да се знае кои се тие граѓани кои учествуваат во таа потрага, во тој момент беше и ноќ и беше пријавено доцна, сега можеме само да претпоставиме.  Ако двајцата сега се приведени, тогаш тие имаат информации каде е телото, бидејќи знаат што направиле“, вели таа.

Сите понатамошни околности, додава, ќе се знаат дури кога ќе биде пронајдено телото на девојчето и ќе се изврши обдукција.

„Секако дека судската медицина може да одговори на прашањата за девојчето, но прво треба да се најде“, додаде таа.

Данка Илиќ исчезна на 26 март во Бањско Поље кај Бор додека си играла со мајка си и постариот брат. Поради неа во Србија за прв пат беше активиран системот „Најди ме“, а потрагата траеше десетина дена, додека полицијата денес не соопшти дека се уапсени две лица осомничени за убиство на дете.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK