Дали властите веќе знаат дека едностраниот раскин на договорот за Казандол ќе чини половина милијарда евра отштета?

Above,View,Shot,Of,Two,Industrial,Workers,Wearing,Reflective,Jackets
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Подолг период во јавноста циркулира информацијата дека Македонија изгубила уште еден арбитражен спор заради одлуката на Владата еднострано да го раскине Договорот за концесија за експлоатација на бакар во Казандол, валандовско. Наводно, станува збор за астрономска отштета од  околу половина милијарда евра, која од државниот буџет ќе треба да се префрлат на сметката на англиско-украинскиот конзорциум „Сардич МЦ“. Според сознанијата кои надлежните сеуште избегнуваат да ги потврдат, пресудата од меѓународната арбитража во Вашингтон е во полза на концесионерот. Државата го загубила спорот, а домашните власти тактизираат со тајмингот на објава на правниот исход. Владината коалиција на СДСМ и ДУИ наводно успеала да излобира пресудата да биде објавена следната есен, а не сега, во период на предизборие, кога може да стане тема во кампањата на која ќе губат политички поени.

До меѓународната арбитража дојде откако поранешниот премиер Зоран Заев на 27 март 2018-тата година ја потпиша одлуката за едностран раскин на договорот, велејќи дека има цврсти правни аргументи.


„Владата е посветена на здравјето на граѓаните, здравјето е поважно од било кој приватен интерес и ова е порака до граѓаните на општините Валандово, Богданци и Дојран“, изјави тогаш Заев, додавајќи дека компанијата била обврзана „во рок од две години да изгради постројка за експлоатација на катоден бакар, а Владата нема да плаќа пенали, бидејќи во овој случај концесионерот не го испочитувал договорот“.

Од Сардич тој период одговорија дека не се исполнети ниту законските, ниту договорните услови за еднострано раскинување од страна на Владата на Договорот за концесија за експлоатација за рудникот „Казандол“. Според конзорциумот, надлежните државни институции никогаш не утврдиле ниту една неправилност, а концесионерот воопшто не бил ниту опоменуван, ниту пак казнуван. Пред да ја покрене меѓународната арбитража компанијата побара да се пристапи и кон пријателско решавање на спорот, а реагираше и украинската амбасада во земјава. Оттаму истакнаа дека Македонија и Украина имаат потпишано спогодба за поттикнување и заемна заштита на инвестициите во двете држави и спорот треба да се реши со пријателски преговори.

Сепак, шест години подоцна скоро половина милијарди евра народни пари ќе треба да легнат на контото на Сардич. Првичната инвестиција на англиско-украинската компанија Сардич беше проценета на 25 милиони евра и беа предвидени 250 вработувања.

Од Државниот завод за ревизија претходно порачаа да се обрне внимание поради импликациите врз буџетот од страна на судските пресуди во меѓународна арбитража, а притоа никој не презема одговорност за фактот што Македонија плаќа милионски суми отштети во арбитражни спорови.

 

Компаниите кои сакаат да инвестираат посочуваат дека најголем проблем претставува правната несигурност, која пак е предизвикана поради притисоци од дел од јавноста. Изминатиов период во правните лавиринти заглави инвестицијата за рудник за бакар во Иловица, а инвеститорот „Еуромакс ресоурцес“ е се погласен во најавите за покренување меѓународна арбитража, откако Владата лани реши да ја поништи Одлуката за спојување на концесиите, а Управниот суд деновиве не ја прифати нивната тужба.

„Загрижувачки е да се види таков модел на судски надзор, особено кога правата на меѓународните инвеститори се доведени во прашање. Постојаното непочитување на законите од страна на Владата и релевантните државни институции е алармантна, и во таков случај меѓународната арбитража се наѕира како неизбежна последица доколку овој тренд продолжи. Со значителното зголемување на цените на бакарот и златото во последните години, потенцијалните економски импликации од таквите активности не можат да се пренагласат“, информира Тим Морган-Вин, Извршниот претседавач на Бордот на Директори на компанијата.

Неофицијално, евентуалната отштета кон „Еуромакс ресоурцес“ преку арбитража може да достигне и над една милијарда евра. Во тој случај, заедно со веќе покренатите меѓународни арбитражи, странски инвеститори од државава би имале побарувања во вредност од над две милијарди евра. Последно, Владата загуби во меѓународна арбитража за купопродажниот договор за рафинеријата ОКТА, па државата сега треба да и плати 21 милион евра на грчката компанија „Хеленик Петролеум“, бидејќи не го испочитувала договорот потпишан во 1999 година. Со него земјава се обврзала годишно да купува по 500 илјади тони грчки мазут, иако немала потреба од толкава количина.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK