Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски беше во работна посета на полициското одделение Мирковци и единицата за внатрешни работи Чаир каде оствари средби со раководствата и вработените на овие организациски единици на министерството.
Во однос на ПО Мирковци министерот беше запознаен со карактеристиките на криминалитетот кој е застапен на подрачјето кое го покриваат и е прилично големо. Заклучокот е дека и во ова одделение кадровската пополнетост е на незадоволително ниво, а исто така има недостиг и на возила неопходни за квалитетно извршување на полициските работи.
Што се однесува до ЕВР Чаир загрижувачка е состојбата во која се наоѓа објектот и супстандардните и нехумани услови во кои работат овие полициски службеници.
„Од нивна страна бев брифиран дека со години наназад било ветувано дека ќе се изгради целосно нов објект, но до ден денес од тоа нема ништо. Имајќи предвид дека од сите кои ги посетив до сега овој објект е во најлоша состојба, од моја страна беше потенцирано дека изградбата на нов објект за потребите на оваа организациска единица треба да биде прв приоритет во делот на изградба и реконструкција на капацитетите на министерството.“, потенцираше министерот Тошковски.