Носителот на листата во изборна единица 4 вчера вечер присуствуваше на отворање на нов изборен штаб во Прилеп. Пред неколку стотини присутни во победничка атмосфера, Филипче потсети на работата на Владата и кризите со кои се соочуваше државата изминатите години.
„СДСМ имаше тешки седум години владеење во исклучителен кризен период во светот и регионот. Ниедна влада не се борела со три последователни кризи. Се боревме со Ковид, па со економска криза, па на крајот и со енергетската. Згора на се, одлучно се нафативме да ги решаваме клучните стратешки прашања за земјата. Ова не е алиби за дел од грешките кои ги правевме и мора да ги исправиме во иднина, но е сериозна потврда за издржливоста и напорната работа која ја вложивме. Милиони и милиони евра директно ги вративме кај граѓантие по основ на покачени плати, финансиски олеснувања и шест пакети антикризни мерки. Сите политики на СДСМ беа насочени да може полесно заеднички сите да ги пребродиме кризите. И ова не е малку, ниту беше лесно. Заради ова, ние имаме право да побараме поддршка од граѓаните со крената глава“ – истакна Филипче пред прилепчани.
Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ не нуди никаква реална промена, тоа се истите луѓе кои порано биле во третиот ешалон во владите на Груевски.
„ВМРО-ДПМНЕ не нуди никаква промена и тоа граѓаните го знаат и го гледаат. Најголем дел од луѓето ќе ви кажат дека не гледаат никаква алтернатива во ВМРО-ДПМНЕ кое ги нуди истите кадри и политики од пред 2017 година. ВМРО ДПМНЕ имаат една единствена цел, како да ги остварат личните и партиски цели. Ним им се само важни политички кариери и владини фотелји, граѓаните ќе ги заборават преку ноќ ако дојдат на власт. Со право многумина велат дека тие биле најдеструктивната опозиција во историјата на македонскиот парламент. Нема што не блокираа за политички поени, од антикризни мерки до финансиска поддршка за граѓаните во време на пандемија.
Погледнете го Прилеп и градоначалникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, дали се прилепчани задоволни? Секако дека не се, ова е само пример како ќе работи ВМРО-ДПМНЕ на централно ниво доколку дојде на власт“, рече Филипче.
Тој се осврна на програмата која што вчера ја презентираше СДСМ и потсети на бенефитите кои земјоделците а посебно тутунарите ги имаа од владеењето на СДСМ.
„Во 2014 година просечната откупна цена на тутунот била 117 денари за килограм, сега имаме за над 200% повисока откупна цена. Бербата на тутунот заврши со историски највисока просечна цена од 365 денари за килограм. Со новата програма предвидуваме субвенција од 6.000 денари по хектар за тутунарите. И затоа имаме право да бараме глас во Прилеп, затоа што зад нас имаме резултати.“ – истакна Филипче.
Тој на крајот порача дека само обединет СДСМ може да победи и дека е време сите да ги остават суетите на страна и да застанат зад заедничакта цел – победа на изборите.
„Јас верувам дека можеме да направиме резултат кој никој не верува дека ќе го направиме. Но, за тоа прво ни е потребна една работа, еден предуслов, да бидеме обединети. Нашите противници не делат и во медиумите не претставуваат како поделени, тоа е во нивни интерес. Ниеден член на СДСМ, ниеден симпатизер нема корист ако партијата е поделена, од тоа корист имаат само оние кои ни мислат добро. Јас знам дека на крај ќе излеземе обединети и ќе им го покажеме местото“, заклучи Филипче.