Опозициските градоначалници на Истанбул и Анкара прогласија победа, Ердоган го призна поразот

12132824.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Актуелните опозициски градоначалници на Истанбул и Анкара прогласија победа на локалните избори, што значи дека партијата на турскиот претседател губи во двата најголеми града во земјата.


Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, кандидат на главната турска опозициска Републиканска народна партија, прогласи победа, велејќи дека води со повеќе од еден милион гласови по преброените 96 отсто од гласачките ливчиња.

Градоначалникот на Анкара, Мансур Јавас, исто така од Републиканската народна партија, прогласи победа во тој град.

„Изборите завршија, ние продолжуваме да им служиме на Анкара и нејзините шест милиони жители без дискриминација“, вети тој.

АФП пренесува дека турската опозиција е на пат да извојува голема победа во целата земја.

По пребројани 79 отсто од гласовите, пишува агенцијата, Имамоглу има 50,5 отсто, додека неговиот главен противник од владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) има 40,7 отсто.

Гласачите одлучија да го променат ликот на Турција, рече лидерот на Републиканската народна партија, Озгур Озел.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека локалните избори во Турција биле завршени на „начин што доликува на демократијата“, опишувајќи ја демократијата и националната волја како победник на изборите.

„31 март не е крај за нас, туку пресвртница. На изборите за локалните власти турскиот народ уште еднаш ја искористи гласачката кутија како можност да ги пренесе своите пораки до политичарите“, рече Ердоган во своето обраќање до граѓаните.

„Без разлика на резултатите, победник на овие избори е пред се нашата демократија, националната волја“, рече тој.

Ердоган, кој беше на власт повеќе од две децении, беше ангажиран во кампањата, особено во Истанбул – економскиот и културниот центар на земјата, чиј градоначалник беше во 1990-тите.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK