Дваесет и едногодишна девојка исчезна во скопската населба Илинден.
Станува збор за Енкеледа Чела – државјанка на Албанија, која студирала на Економскиот факултет во Скопје со дозвола за престој. Според описот на објавата на социјалните мрежи, висока е 160 сантиметри има црвено кафеава коса, кафени очи и носи протези на горните заби. Во моментот на исчезнувањето била облечена во фармерки и црна јакна, а на себе носела ранец.
Нејзината другарка, Јоана која ја сподели објавата за исчезнатата девојка, во изјава за „Макфакс“ вели дека последен пат ја видела во петокот вечерта.
„Во петокот околу 20-21 часот пиевме кафе. Потоа таа и уште една наша заедничка пријателка со која заедно живееја, се упатиле кон домот. Сепак, Ени (исчезнатото девојче) практикуваше да се прошета малку сама пред да се врати во станот и таа ноќ го направила истото, но потоа не се вратила назад . Според нашите информации ја виделе на бензинската пумпа во Илинден следното утро помеѓу 5 и 7 часот сабајлето, но уште не можеме да тврдиме дали навистина била таа додека не бидат прегледани камерите“, раскажа нејзината другарка.
За исчезнувањето информирано е и нејзиното семејство кое живее во Албанија. Девојката не се вратила кај нив, а тие се на пат кон Македонија за да ја бараат.
Нејзината другарка вели дека иако биле многу блиски, таа не споделила со другарките дали има некаков проблем, ниту пак кажала дека сака да ја напушти државата. Сепак, вели другарката, во последните денови им делувала загрижено, иако тврдела дека се ‘ e во ред. Девојката на нејзиниот телефон е недостапна.
Нејзината фотографија е објавена на социјалните мрежи.