Вработените во „Еуроникел“, кои останаа без работа, ќе добијат можност да се вратат во фабриката, новите газди со производството почнуваат во јуни

„Еуроникел-оди-во-стечај-800-вработени-остануваат-на-улица-сопственикот.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Речиси 600 вработени во кавадаречката фабрика „Еуроникел индустри“ ќе добијат можност повторно да се вратат на работа во следните 90 дена. Откога во понеделникот Комерцијална банка извести дека склучиле договор за продажба на имотот на фабриката со друштва основани од холандската холдинг-компанија „Полиникел холдинг БВ“ (Polynickel Holding BV), која е дел од турската „Јулдирим груп“ (Yildirim Group), нивни претставници вчера имале состанок со Синдикатот и со градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев. Ги известиле дека почнуваат со подготовки за рестартирање на фабриката, кое очекуваат да биде во јуни.


„Од вчера почна да тече рокот од 90 дена во кој новите сопственици на фабриката ќе ги враќаат назад вработените. Нè известија дека ќе ги преземат 120-те вработени кои останаа на работа за да ја одржуваат печката додека сопственик беше Комерцијална банка, а за другите ќе има огласи. Ова рестартирање на фабриката се разликува од последното што го направи ‘Еуроникел’, кој зеде обврска да ги преземе и сите вработени. Новите сопственици ја купија само фабриката, без вработените, но вчера нè известија дека ќе ги задржат оние што останаа да ја одржуваат печката, а другите ќе може да се јават на огласите што ќе ги распишуваат во следните месеци. Со производство, според сегашните најави, ќе се почне во јуни, кога истекува и рокот во кој рекоа дека ќе ги враќаат назад вработените“, вели Игор Ѓерасов, претседател на Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството на Македонија (СИЕР), за „Макфакс“.

Многумина од вработените во „Еуроникел“, кои останаа без работа, стравуваат дека ќе извисат и новиот газда нема да ги врати на работа оти ќе бараат работници преку оглас. Градоначалникот Јанчев, пак, уверува дека тие ќе имаат предност за вработување.

„Добивме уверување дека ќе имаат предност вработените, но и без тоа во фабриката се бараат стручни луѓе и луѓе со искуство, а никој подобро не ја знае работата отколку досегашните вработени. Новите сопственици веќе влегоа во фабриката. Ќе ги направат неопходните ремонти, ќе направат план за работа и ќе ги враќаат постепено вработените. Тие дури рекоа дека се и загрижени дека нема да успеат да ја пополнат потребната бројка работници оти многумина заминаа во странство, некои си најдоа друга работа. Добивме цврсти уверувања дека ќе почнат со производство. Веќе имаат договори за снабдување со руда од Брегот на Слоновата Коска и од Гватемала. И, денес да тргне рудата, ќе треба еден месец за да стигне, а во тој период ќе почне и постапката за враќање на работниците. Мора да оди преку оглас оти така предвидуваат законите кај нас“, вели градоначалникот Јанчев за „Макфакс“.

Побарувањата од 2,1 милиона евра за четири неисплатени плати вработените ќе чекаат да им бидат исплатени во стечајната постапка за „Еуроникел индустри“, која беше отворена на почетокот на февруари. На стечајната постапка ќе чекаат и сите доставувачи што пријавиле долгови, но приоритет за исплата имаат платите на вработените.

Градоначалникот Јанчев вели дека веќе договорил со стечајниот управник  Ацо Петров, кога ќе заврши стечајната постапка, да поднесат кривични пријави против раководството на „Еуроникел индустри“, кое минатата година ја доведе до стечај фабриката.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK