Македонските дизајнери Јована Филиповиќ, Mарјан Бебекоски, Ирина Тошева и Наталија Терзија и нивните уникатни креации годинава се дел од креативната кампања „Фустани со џебови“ на Халкбанк посветена на поддршката на жените и мотивирање на бизниси основани и раководени од жени.
Кампањата, која започна минатата година е дел од платформата на Халкбанк чија цел е градење и поддршка на финансиската и економската самостојност на жените. Централната фигура во овие креации е џебот, инкорпориран како детаљ кој најчесто отсуствува од женската гардероба, која традиционално се изработува низ историјата. Џебот во овој контекст служи како симбол за финансиска слобода и рамноправност.
Токму тој детал е евидентен на сите модели на младите македонски дизајнери кои комбинираат стил и удобност, зрачат со живост и елеганција и го носат нивниот креативен белег. Моделите кои се вклучени во кампањата се нудат на продажба и истите можат да се купат и онлајн преку https://portret.digital/fsdh-shop/.
Со купување на некој од уникатните модели истовремено се помага финансиската независност на жените како основен предуслов за нивната слобода, бидејќи средствата од продажбата на фустаните во целост ќе се донираат во Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство за помош на жени од ранливи социјални категории.
ПР