СДС, Ковачевски и Пендаровски бегаат од одговори за скандалот со мешетарот Араф Еисин, како ѓавол од темјан. Пендаровски сакајќи да се извади од аферата, се заплетка и самиот, но и неговите политички партнери, СДС и Ковачевски, и фактички ги призна контактите и соработката со скапиот израелски советник, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Сега редно е да го објават договорот за неговиот ангажман. Постојат сериозни индиции дека ова лице е плаќано со пари на рака, црни пари кои претходно биле испумпани од матните тендери во РЕК Битола.
Ако е ова точно, а никој од повиканите не го демантира, тогаш власта влегува од криминал во друг криминал. Имено црните пари се оние кои се нелегално стекнати и затоа уште еднаш се крши законот кога на рака се исплаќаат на некој кој ве советува во пресрет на кампањата да терате црна кампања, со етикетирања и поделби“, се истакнува во реакцијата на опозициската партија.
Очекуваат како што велат, дека надлежните институции ќе се одважат и ќе го мониторираат и проверат финансирањето на кампањата на Пендаровски и на СДС.
„Времето за промени доаѓа, а по него доаѓа времето на одговорноста“, велат од партијата на Мицкоски.