Во украинското пристаниште Одеса беше прекинато снабдувањето со електрична енергија по руски воздушен напад во кој беше оштетен високонапонски енергетски објект, соопшти денеска најголемиот украински енергетски снабдувач ДТЕК.
„Ситуацијата се уште е тешка. За да се намали оптоварувањето на мрежата, денеска во градот нема да работи електричен транспорт, а ограничена е и индустриската потрошувачка“, беше објавено на каналот на ДТЕК на Телеграм, пренесува Укринформ.
ДТЕК додава дека прави се за што поскоро да се воспостави снабдување со енергија на домаќинствата и ги повикува жителите економично да трошат струја. Соопштено е дека до утринава е вратена струјата во два градски квартови.
Руските сили синоќа ја нападнаа Одеса со неколку групи нападни беспилотни летала од Црното Море, чија цел беше енергетската инфраструктура. Остатоците од дрон предизвикале пожар во електраната, кој веднаш бил изгаснат, соопштија градските власти.
Во Николаев 11 лица се повредени како последица на паѓање на фрагменти од соборен руски дрон од типот Шахед, објави регионалната управа на Фејсбук. Како што се наведува, делови од соборениот дрон предизвикале пожар на станбена зграда и два автомобили, а оштетени се и приватни куќи во близина.