Ангеловска-Бежоска: Зголемувањето на учеството на жените во работната сила може да придонесе за повисок економскиот раст

Angelovska-Bezoska_WOBA.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Зголемувањето на учеството на жените во работната сила ќе овозможи повисок економски раст, којшто целосно ќе ги надомести загубите предизвикани од пандемијата. ММФ проценува дека кај брзорастечките и економиите во развој, БДП може да се зголеми за околу 8% во наредниот период од 5 години, доколку се зголеми стапката на учество на жените во работната сила за 5,9 п.п. Намалувањето на јазот помеѓу учеството на мажите и жените во работната сила е една од значајните реформи коишто носителите на политиките може да ги преземат за зголемување на економскиот раст, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на конференцијата „Успешни жени за успешен регион“, во организација на иницијативата Жени во органите на управување Јадран (Women on Board Adria − WOBA).


Гувернерката истакнува дека јазот помеѓу учеството на мажите и жените во работната сила е еднакво широк, како пред триесетина години, така и денеска, како глобално (47% од работоспособното женско население, наспроти 72% мажи), така и кај нас (учеството на жените во работната сила е само околу 43%, а на мажите околу 62%). „Тој се објаснува со несоодветните законски решенија, нееднаквиот пристап до средства, вклучително и финансиски, до услуги (здравствени, образовни услуги, згрижување деца), општествените норми, дискриминаторските ставови и други пречки поради кои жените не можат да го изразат целосно својот економски потенцијал. Доколку се продолжи со постојните политики, не би можело да се очекува поголемо подобрување“, посочи Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката истакна дека еден од важните аспекти во однос на родовата еднаквост е зајакнувањето на напорите за застапување за женското претприемаштво. Се оценува дека со зголемувањето на економското учество на жените, особено во микро, малите и средните претпријатија, може да дојде до поттикнување инклузивен раст, имајќи предвид дека овие претпријатија придонесуваат за 74% од вработеноста и 68% во додадената вредност во домашната економија. Таа најави дека наскоро Народната банка ќе склучи меморандум за соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), којшто предвидува спроведување пилот-проект насочен кон поддршка на женското претприемаштво и финансиската вклученост на жените претприемачи. „Со оваа активност, го прошируваме нашето дејствување, покрај веќе воспоставените активности во доменот на финансиската едукација, со кои се унапредува познавањето на сѐ посложените финансиски услуги, во време кога дигиталната трансформација го менува пејзажот на достапните финансиски продукти“, вели гувернерката.

Говорејќи на панел-дискусијата „Жени во управни одбори − силни одбори, силно стопанство, силно општество“, гувернерката посочи и дека Народната банка е добар пример во меѓународни рамки за еднаквата родова застапеност, што се потврдува и со податокот дека две години по ред, од страна на британскиот форум ОМФИФ, Народната банка е рангирана на првото место во светот, помеѓу централните банки, според застапеноста на жените на раководните позиции. „Она што го правиме е всушност, обезбедување подеднаква можност за сите врз основа на образованието, вештините, способноста да се работи во тим, да се биде иновативен, проактивен, креативен“, порача Ангеловска-Бежоска.

На панел-дискусијата на која говореше гувернерката, учествуваа и вицепремиерот задолжен за европски прашање, Бојан Маричиќ и претседателката на Надзорниот одбор на „Прокредит банка“, Јованка Јолеска-Поповска и директорот на производство на „Џонсон Мети“, Боријан Борозанов.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK