„Пакомак“ ќе донира по 2 денара за секоја лименка или пластично шише одложени во наменски поставената повратна вендинг-машина во ОУ „Ј. Х. Песталоци“. Оваа акција е договорена помеѓу „Пакомак“ и Општина Центар, а вчера и официјално беше потпишан меморандум за соработка.
Со цел интензивирање на селекцијата на отпад во основните училишта на територијата на општина Центар, како и подигање на јавната свест кај најмладата полулација за паметно управување со отпадот, „Пакомак“ за секое шише или лименка што учениците ќе го одложат во вендинг-машините ќе донира еден денар за талентирани ученици и уште еден денар за реквизити за училиштето.
„Дополнително, за лименките и пластиката што ќе биде селектирана ние од ‘Пакомак’ ќе организираме нејзино собирање и најмалку двојна вредност од реалната на собраниот отпад, ќе донираме во реквизити и опрема на училиштето. Навистина сме задоволни од соработката со Општина Центар и градоначалникот Герасимовски, кои покажуваат висока свест и отвореност за вакви акции, во кои се вкличени најмладите. Подигнување на свесноста на младите за важноста од селекцијата на отпадот и рециклирањето е инвестиција што ќе вроди со позитивни резултати во годините што следуваат“, изјавуваат од „Пакомак“.
Покрај ова, ќе бидат организирани и едукативни екочасови, на кои децата ќе се запознааваат со придобивките од рециклирањето на отпадот и како тоа се спроведува.
„Пакомак“ како прва и водечка компанија за управување, селекција и рециклирање на отпадната амбалажа во земјата и во наредниот период ќе продолжи со едукативни акции и кампањи, во кои ќе ги вклучува младите со цел нивна едукација за постигнување здрави зелени навики.