Во текот на вчерашниот ден беше физички нападнат новинарот Фуркан Салиу додека подготвувал сторија за извршителката Весна Јакимовска. Кога била повикана на разговор, Јакимовска го нападнала и полицискиот службеник, и притоа го уништила изготвениот службен материјал.
„Вчера во 23.20 часот, полициски службеници од ОВР Кичево ја лишиле од слобода В.Ј.(60) од Скопје. Таа, претходно, на улицата „Трајче Стрезоски“ во Кичево физички го нападнала Ф.С.(33) од Скопје и ја оштетила неговата службена опрема, а потоа во службените простории на ОВР Кичево, каде била повикана на разговор, физички го нападнала полицискиот службеник и го уништила изготвениот службен материјал. По целосно документирање на настанот, против неа ќе биде поднесена соодветна пријава“, пишува во денешниот билтен на МВР.
Фуркан Салиу рече дека извршителката го изгребала, физички го нападнала и го оштетила неговиот микрофон.
„Почнавме да ја прашуваме, зошто и како, кога го виде микрофонот изреагира како што изреагира, го скина кабелот на микрофонот и бевме приморани да викнеме полиција, зошто и микрофоните ни ги зема. Во полиција негираше, два микрофони земавме ама еден негираше дека е кај нејзе и не ни го врати. Додека бевме во полиција имаше големи притисоци, бараше од полицијата да ми се одземат снимките, но тоа не оди така. Не може полиција да ми одземе снимки. Мене ме изгреба, физички ме нападна и како што кажав, го оштети микрофонот“, вели Фуркан Салиу за Макфакс.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници го осудија вчерашниот физички напад кон новинарот Фуркан Салиу од страна на извршителката од Кичево, Весна Јакимовска.