Дванаесетмина набљудувачи на ОБСЕ-ОДИХР се веќе во земјава и следната недела ќе почнат интензивно да ги следат медиумите. Шефицата на мисијата Џилијан Стирк најави дека покрај клучниот тим за набљудување на изборите, ќе има дополнителни 20 долгорони набљудувачи распоредени во неколку градови, а побарале и 300 краткорочни набљудувачи кои треба да стигнат во земјава непосредно пред изборите.
„Имаме клучен тим од 12 меѓународни експерти во Скопје од 12 земји учеснички на ОБСЕ. Станува збор за многу разнообразна група. Ќе бидеме во земјата и за претседателските избори и за парламентарните избори и ќе заминеме на 19 мај. Покрај мојот колега, господинот Наџ, имаме други експерти кои работат на изборната администрација, правната рамка, политичката средина, кампањата, политичкото финансирање и финансирањето на кампањата и медиумите. Од наредната недела ќе почнеме со интензивно следење на медиумите. Покрај главниот тим ќе имаме група на долгорочни набљудувачи, вкупно 20 лица кои ќе бидат распоредени низ земјата во тимови по двајца. Ќе бидат стационирани во Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Кочани, Куманово и Штип, а два тима ќе има во Скопје. Долгорочните набљудувачи беа испратени од 20 земји, учеснички на ОБСЕ. Ние исто така побаравме и 300 краткорочни набљудувачи кои треба да пристигнат непосредно пред изборите. Ќе одат во избирачките места, ќе ги набљудуваат избирачите и процесот на пребројување на гласовите и сумирање на резултатите. Тие ќе дојдат непосредно пред 24 април“, рече шефицата на мисијата, Стирк.
Ова се 22 избори во Македонија кои ги набљудува ОБСЕ – ОДИХР, а првпат набљудуваат двојни избори.
Зголемениот број на набљудувачи, шефицата Стирк објасни дека е одлука на мисијата за проценка која имала предвид дека првпат во земјава се набљудуваат двојни избори.
Прелиминарниот извештај на ОБСЕ – ОДИХР за изборите ќе биде готов две недели пред изборниот ден, прелиминарните наоди кои ќе бидат претставени на прес-конференција, а ќе подготват и конечен извештај кој треба да се објави два месеци по изборниот процес.
Со оглед на тоа што денес им беше прв работен ден во Скопје, шефицата на мисијата побара повеќе време за анализа за да одговори на прашањето дали препораките на ОБСЕ – ОДИХР, кои беа усвоени пред две недели, беа доцна усвоени.