Џафери: Ги решаваме реалните потреби на граѓаните, со инвестиции во инфраструктурата создаваме подобри услови за живот

18032024_PVRSM_3.jpeg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Премиерот Талат Џафери, денеска во рамки на посетата на Општина Боговиње, изврши увид на завршените работни активности на локалниот пат Палчиште, кој е врска на населените места со автопатот Тетово – Гостивар.


Патот кој е во должина од 1.700 метри, претходно бил селски пат, а сега е проширен, тампониран и безбеден за сообраќај. Со новата и модерна патна инфраструктура се олеснува комуникацијата со сообраќајната магистрала и се отвораат поголеми можности за развој како на Општината, така и на целиот регион. Со овој инфраструктурен проект им се олеснува животот на граѓаните од целиот Полошки регион, велат од кабинетот на Џафери.

„Патот го поврзува селото со автопатот, односно со новиот пат којшто ќе се гради од Коридор 8, магистралниот пат Тетово – Гостивар и ќе овозможи излез на тој патен правец. Овој пат претходно бил неуреден, селски пат, и локалното население го користело за дневни земјоделски работи. Сега патот е опремен со цела инфраструктура и е од полза, и во корист на граѓаните од овој крај, како за секојдневна работа на нивите, така и за поврзување со Тетово“, рече Џафери.

Тој ја посети и локацијата каде течат градежните активности за фекалната канализација во Oпштина Боговиње. Должината на канализациската мрежа е 28 километри и ќе опслужува 7.500 жители од овој крај. Воедно, за време на посетата одблиску се запозна со потребите на граѓаните од овој регион и порача дека Владата ги решава реалните потреби на граѓаните.

Со инвестиции во патна инфраструктура, инвестиции во канализација и водоснабдување, во реконструкции и реновирање се овозможува граѓаните да добијат поквалитетен живот во местата каде живеат, соопштија владините служби.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK