Ангеловска-Бежоска − Камер: Довербата во Народната банка е резултат на прудентната монетарна политика, но и на транспарентноста

Средба-Ангеловска-Бежоска-Камер.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Анкетата спроведена од Светската банка покажува дека Народната банка ужива највисока доверба кај јавноста помеѓу домашните институции во земјава. Довербата во Народната банка во изминатите четири години, и покрај постојаните шокови, е уште повеќе зголемена. Ова е резултат на прудентната монетарна политика којашто беше насочена кон одржување стабилни инфлациски очекувања и стабилен курс на денарот. Зголемената транспарентност и комуникација имаат дополнителен придонес за одржувањето на кредибилитетот. Ова беше истакнато на средбата на која присуствуваа гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и Алфред Камер, директорот на Меѓународниот монетарен фонд за Европа, на Регионалниот состанок на гувернерите на централни банки, којшто се одржува во Сплит, Хрватска.


Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека како резултат на навремените и силни мерки преземени од страна на Народната банка, инфлациските очекувања се стабилизираа, што е особено значајно за идното формирање на платите и цените на компаниите, а со тоа и на инфлацијата. Мерките на монетарната политика заедно со интервенциите на девизниот пазар ја обезбедија стабилноста на девизниот курс на денарот и ја зацврстија довербата во домашната валута.

„Довербата не зависи само од прудентните политики коишто ги презема централната банка, туку и од правилната комуникација и транспарентност. Сеопфатноста и јасноста во комуникацијата е основа за градење доверба и успешно справување со предизвиците во овој кризен период, кога централните банки мораа да се справат со најголемата инфлациска криза во изминатите декади“, нагласува гувернерката Ангеловска-Бежоска. Таа истакна дека Народната банка од почетокот на корона-кризата дополнително ја засили комуникацијата со јавноста, бројот на соопштенијата за јавноста се зголеми за 25%, додека бројот на јавните настапи на раководството на Банката се зголеми за 40% во споредба со периодот пред пандемијата. Воведени се и целно насочени пораки за различна публика, поедноставен е стручниот јазик, ставен е акцент на визуализацијата, зачестено се користат социјалните медиуми, а засилени се и активностите за финансиска едукација.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK