Mинистерот за здравство Илир Демири кажа дека според податоците има 14 илјади невакцинирани деца и дека не треба да се чека да се прогласи епидемијата на државно ниво.
Тој жали што одредени деца се со задоцнување вакцинирани, но дитепер е со три дози, се спроведува втори, четврти и шести месец, и вели дека ако е завршено ова, се работи за пациент кој е вакциниран, потоа следува ревакцинација.
„Забраната треба да важи за пациенти кои не се вакцинирани“, вели министерот.
Според него, фокусот на Министерство за здравство треба да биде консензибилизација на вакцинација.
„Сега сме пред епидемија којашто може да порасне, да бидеме на иста страна, во обезбедување на здравјето. Комисијата ќе има состанок и коментар од тој состанок кој ќе го почитуваме сите. Според прописи и сознанија ако некој е комплетно вакциниран не гледам зошто да биде попречен да присуствува. Три примени дози за да биде комплетно вакциниран, а после се ревакцините. Дали децата што немаат примено ревакцина можат да одат во градинка треба да каже Комисијата за заразни болести и ДСЗИ. Да не падне сензибилитетот за кампањата за вакцинација, овие формалности ќе се решат утре по состанокот на Комисијата“, изјави Демири.
Во однос на тоа дека во дел од вакциналните пунктови ги ревакцинирале децата по шест месеци по третата доза вакцина, а во некои кажуваат дека треба да помине една година по третата доза за детето да прими ревакцина, министерот кажа дека ќе иницира вонреден состанок на Комисијата и ќе излезе со став како треба да се постапува за сите.
„Сите овие дилеми се појавиле во јавноста, се писмено стигнати до Комисијата, ќе иницирам вонреден состанок на Комисијата и ќе излеземе со став како треба да се постапува за сите. Не е хаос, хаос поголем ќе се направи ако не се вакцинираат. Сите треба да имаме трпение, да изнесуваме стручни ставови“, кажа Демири.
Министерот објасни дека побарал од ДСЗИ да спроведе активности и да се забрани пристап на деца во градинки коишто се невакцинирани и нецелосно вакцинирани.
„Вакциниран подразбира дека детето има примено три дози, се смета за некомплетно вакциниран ако не ја примил третата доза, дали е ревакциниран тоа е друго прашање. Сакам да бидам концизен и да не излегуваме со различни ставови, ќе има еден став до кој сите ќе се придржуваме“, рече тој.
Министерот рече дека не е некоја грешка ако докторите им кажуваат на родителите да го донесат детето на ревакцинација по шест месеци, ако со правилник е наложена една година.
„Не сакам да изнесувам ставови кои нема да ни послужат. Постои различна шема за брза имунизација и може да се поместат, ако е поголемо детето, ако е ризикот поголем. Но тоа се медицински ставови на кои имаат право да се одлучат лекарите, не е некоја грешка да се одлучат за таква брза вакцинација и ревакцинација“, објасни Демири.
„Јас потпишав невакцинирано и некомплетно вакцинирани деца дека не можат да одат во градинка, се знае што е невакцинирано, во интерес на сузбивање на епидемијата на пертусис, овие дилеми ќе ги разрешиме утре, ќе ви дадеме точен одговор на сите дилеми“, додаде министерот.
Како што кажа, на 15 стигнуваат вакцини наменети за возрасна популација.