ЛК: Нула толеранција за насилството врз здравствените работници

stop
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

12.03.2024, Скопје – Насилството врз здравствени работници добива на интензитет, а за негово сузбивање се потребни системски решенија што ќе бидат имплементирани на национално ниво и на ниво на здравствени установи, истакнува Лекарската комора по повод одбележување на 12 Март, Европски ден за подигнување на свеста против насилството врз здравствените работници, кој годинава се одбележува во петти пат.

„Лекарската комора го смета за неприфатлив секој облик на насилство врз лекарите и другите здравствени работници, без оглед дали се работи за физичко или вербално насилство и без оглед од кого или од каде доаѓа. Сите треба да инсистираме на нула толеранција кон секаков вид на агресивно или насилно однесување и без исклучок треба да го пријавуваме. Неопходно е лекарите да се чувствуваат безбедно на своето работно место за да можат непречено да ги лекуваат пациентите. Лекарите и пациентите се дел од иста целина и само со меѓусебно почитување и градење на доверба може да дојдат до заедничката цел, излекување“, истакнува проф. д-р Калина Гривчева Старделова, претседател на Лекарска комора.


На иницијатива и залагање на Лекарската комора во 2023 година се направени измени на Кривичниот законик со што насилството врз здравствените работници е насилство спрема службени лица и претставува кривично дело. Со тоа делата како употреба на сила, сериозни закани, навреда, малтретирање, задавање телесни повреди или закана со употреба на оружје кон лекар при вршење на професионалните работни задачи се кривични дела за кои е предвидена казна затвор.

Комората апелира лекарите насилните инциденти да ги пријават во полиција, а потоа информација да достават и во Комора. Комората ги прибира овие податоци со цел да може да го следи постапувањето на надлежните институции, но и да се предлагаат мерки и политики за надминување на проблемот.

Во 2017 година во соработка со другите медицински комори како и Министерството за здравство беше потпишан Декларација – Стоп за насилството врз здравствените работници. Едно од начелата во Декларацијата беше да се изработат стратегии и планови на национално ниво и на ниво на здравствени установи за спречување на насилството врз здравствени работници. Друга предвидена активност со Декларацијата беше да се обезбеди систем од Владата и здравствените установи преку кој ќе се документираат сите инциденти на насилство во здравството. Комората ги охрабрува надлежните институции да ја забрзаат реализацијата на активностите кои ги предвидува оваа Декларација, бидејќи единствено безбедна средина во која се даваат здравствените услуги гарантира сигурна, стручна и квалитетна здравствена заштита за пациентите.

Во анкета спроведена од Лекарската комора пред две години – 78% од докторите пријавија дека биле изложени на  некаков вид насилство на работното место. Од нив, 80% биле изложени на вербално насилство, додека 6.8% доживеале физичко насилство. Речиси 70% од нападите воопшто не се пријавени.

— Со почит,  Лекарска комора на Р С Македонија

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK