Група на ученици од машинската струка во Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партеније Зографски“ од Скопје, ја посетија компанијата БРАКО во Велес.
Учениците беа задоволни што дел од практичната настава можат да поминат во вистински производствен погон, а со оглед на тоа што нивното училиште е наменето за ученици со проблеми во слухот, посетителите особено беа задоволни од сознанието дека работници со вакви физички предизвици се веќе дел од тимот на БРАКО и дека секој од нив може својата работна кариера во иднина да ја гледа во нашата фабрика.
За време на посетата, Ангел Анѓушев, оперативен директор на нашата фабрика за возила Грин Машинс во рамките на БРАКО и директорот за производство во Грин Машинс, Иле Атанасов ги запознаа учениците со целокупниот процес на производството на најсовремените возила за одржување на хигиена во урбани средини, кои се македонски бренд кој се продава низ целиот свет.
За време на презентацијата, Анѓушев посочи дека во БРАКО се прави развојот и дизајнот на возилата, се изработуваат огромен број на компоненти кои се вградуваат во нив и се врши финална монтажа, као и дека возилата на Грин Машинс се продаваат во над 60 земји на сите континенти.