Урсула фон дер Лајен соопшти дека бродот во сопственост на шпанската невладина организација „Отворени раце“ која носи хуманитарна помош за Газа денеска ќе го напушти Кипар, како дел од првата операција, тестирање на новиот хуманитарен поморски коридор за палестинската енклава.
Фон дер Лајен рече дека ЕУ, заедно со САД, Обединетите Арапски Емирати и другите партнерски земји, започнуваат поморски коридор за испорака на големи количини помош за Газа, која се соочува со „хуманитарна катастрофа“. На заедничката прес-конференција со кипарскиот претседател Никос Христодулидес, таа рече дека коридорот ќе биде отворен веќе во недела.
Во ноември, Христодулидес понуди да се користи пристаништето Ларнака, кое е на 370 километри од Газа. Американските власти рекоа дека најверојатно ќе поминат неколку недели пред да почне да функционира пристаништето во Газа, пренесува АП.